На местото на зградата на стариот суд, која е во руинирана состојба, ќе се гради митрополија на Струмичката епархија. Едногласно беше донесена оваа одлука на последната седница на Советот на Општина Струмица. Предлог-одлуката за давање на трајно користење на објект на МПЦ – Струмичка православна епархија пред советниците ја образложи градоначалникот Костадин Костадинов.
– Ние сме една од ретките општини, една од ретките епархии што немаат своја митрополија и мораме да го коригираме тоа. За таа цел, одлучивме тоа да биде стариот суд, за кој се обезбедени заштитно-конзерваторски извештаи од Општината, подготвен е проект, изготвена е пресметка и за уривање и за градење митрополија и би сакал да ги запознам и советниците и граѓаните со нив – објасни Костадинов.
Тој информираше дека потребните средства за уривање се 1.404.962 денари, а за изградба на митрополија 31.257.631 денари, согласно со пресметките.
– Убеден сум дека Струмичката епархија, заедно со силната поддршка од Општина Струмица и заедно со многу одговорни компании, ќе успее да го реализира она што го заслужуваат верниците од Општина Струмица – потенцираше Костадинов.
На седницата, воедно беа усвоени и предлог-одлуките за продолжување на работното време на угостителските објекти во текот на карневалските празнувања и за спроведување превентивна дезинсекција, дезинфекција и дератизација на подрачјето на Општина Струмица за 2025 година, како и други одлуки и решенија од различни области.