Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, менаџментот на ТАВ и директорот на германскиот тур-оператор на RSD Reisen Хорст Живковиц, денеска на Меѓународниот аеродром Скопје го пречекаа првиот чартер-лет на авиокомпанијата „Фрибрд ерлајнс“, кој ја донесе првата група од 180 германски туристи.
Со ова се одбележа почетокот на овие чартер-летови кои ќе пристигнуваат на скопскиот аеродром секој ден, почнувајќи од денеска до почетокот на јуни, и потоа од октомври до средината на декември. Се очекува овие организирани летови да донесат 35.000 туристи во земјава.
Министерот за транспорт Николоски, истакна дека ова е ден за паметење, затоа што, како што рече, Македонија гледа голем број на туристи надвор од главната сезона.
-Она што е најзначајно да се каже е дека со заеднички напор на Владата, на туроператорите, со заеднички напор и поддршка и на ТАВ Македонија и двата аеродроми Скопскиот и Охридскиот, успеваме да привлекуваме туристи кои доаѓаат надвор од главната летна и зимска сезона. Во периодот меѓу февруари и мај, и периодот меѓу октомври и декември, во Македонија само оваа година ќе дојдат 35.000 туристи, рече Николоски.
Изрази очекување тој број да расте во годините што следат, и како што кажа, тоа значи 35.000 туристи коишто ќе ги полнат хотелите, кои ќе ги посетуваат убавите кафеани, ресторани, кои ќе купуваат убави сувенири од Македонија, и на тој начин ќе придонесуваат за локалната економија.
Министерот Љутков изрази надеж дека ќе бидеме добри домаќини во иднина со ваков капацитет, и угостителите ќе имаат можност да ги подобруваат своите капацитети во иднина, со што би имале и поголем број на туристи и поголем број сместувачки капацитети.
Главниот извршен директор на германскиот тур-оператор RSD Reisen Хорст Живковиц, истакна дека нивните клиенти со нетрпение чекаат да ја посетат нашата земја и оти до крајот на сезоната планираат да донесат 35.000 гости.
-Досега имаме договорено летови за 25.000 патници кои ги резервираа овие тури од Германија, Австрија, Франција и Велика Британија, и до крајот на сезоната очекуваме да донесеме 35.000 гости. Убеден сум дека гостите ќе уживаат во вашата прекрасна земја, историјата и топлото добредојде на луѓето кои живеат овде. Јас навистина уживав кога ја посетив Северна Македонија, изјави Живковиц.
Авиокомпанијата ангажирана од македонски и германски тур-оператори во соработка со македонската Влада, ќе лета до скопскиот аеродром секој ден од февруари до јуни, и од октомври до декември. Се очекува оваа програма за дојдовен туризам да донесе вкупно 35.000 европски туристи од Германија, Франција и Велика Британија.
Европските градови од кои ќе полетува „Фрибрд ерлајнс“ и ќе слетува на скопскиот аеродром се – Хамбург, Хановер, Минхен, Штутгарт, Берлин, Лајпциг, Дизелдорф и Франкфурт (Германија), Манчестер, Лондон – Гетвик (Велика Британија) и Париз, Лион и Марсеј (Франција).