На крајот на февруари ќе имаме изведувач на гасниот интерконектор со Грција, а што ќе се гради од македонска страна. На вториот повикот за изградба на интерконекторот за природен гас со Грција беа пристигнати пет понуди, а според министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, првата најдобра понуда е за 12 милиони евра пониска од износите од претходниот тендер и станува збор за домашна компанија. Името не се посочува сè додека не се добие конечното одобрување од банките даватели на кредитот.
– Потпишувањето на договор за изградба на интерконекторот со Грција следува по завршување на тендерската постапка, која е во процес и по конечноста на одлуката за избор на изведувач. Сметаме дека најдоцна до крајот на февруари ќе имаме изведувач – велат за весникот ВЕЧЕР од Министерството за енергетика.
По потпишување на Договорот следува примопредавање на трасата на изведувачот, постапка во согласност со Законот за градење и потоа официјално почнува изградбата на интерконекторот.
– Со оглед дека на поголемиот дел од трасата целосно е завршена експропријацијата, почетната точка ќе ја дефинираме заедно со изведувачот – велат од МЕРМС.
Согласно договорот, изградбата треба да заврши во рок од 22 месеци, по што следува постапка за добивање одобрение за ставање во употреба, постапка која е релативно кратка. По добивањето на ова одобрение, гасоводот ќе биде оперативен.
Првично беше најавено дека договорот со најповолниот изведувач ќе биде потпишан до крајот на јануари, откако „Нома ГАС“ ја заврши евалуацијата и согласно процедурите, беше испратена до ЕИБ и ЕБДР, кои треба да ги прегледаат сите документи и да го дадат финалното одобрување.
Македонскиот национален оператор „Номагас“ го објави новиот повик на 21 октомври годинава, со износ на финансирање од 83.653.000 евра. Македонскиот дел од гасоводот е во должина од 61 километар.
Премиерот Христијан Мицкоски од собраниската седница посветена на пратенички прашања потсети дека оваа влада наследи тендер за гасниот интерконектор со Грција за којшто постоеше опасност да биде откажан за финансирање од страна на европските кредитодаватели.
– Но, со нашиот ангажман со изградба на јужниот и северниот гасен интерконектор за енергија стануваме фактор во регионот – рече Мицкоски.
(С.Бл.)