Граѓани од Велес, Кавадарци, Радовиш викендов останаа без ветените пари од интернет апликацијата „Конти“ – пирамидална шема која тргува со криптовалути. Имено, македонските граѓани заработуваа од гледање и ставање на лајк на реклами за холивудски филмови.

Според сведоштва на оштетени велешани, првично купуваш пакет за помалку пари, таква е шемата, за потоа да почнеш да тргуваш со поголеми пакети кои извесуваат и до 1000 усдт (криптовалута). Шемата е за 25 дена да си го вратиш износот што си го вложил ,на пример ако купиш пакет од 150 усдт, за два ипол месеци истиот ќе се триплира односно на конто ќе имаш 450 усдт.

Во шемата биле вовлечени и млади и стари, некои дури и подигнувале брзи кредити во трката за ,,лесни пари,,.Групата на граѓани кои биле вовлечени во оваа ,,понзи,, шема броела повеќе од 14 илјади, сеуште постои на интернет платформата „Телеграм“ во која членовите бараат одговори дали ќе ги повлечат парите од нивните крипто сметки.

А, се играло и на големо, по неколку илјади долари кои за некој месец се претворале во високи суми, исплаќани во криптовалути. Оние што ги повлекле на време деновиве можеа мирно да спијат, но многу од нив останаа само со ветувањата на така наречените менаџери дека проблемот ќе се реши.

„Нема потреба да се грижите, менаџерката ја решава оваа ситуација, останете смирени. Исплатата сигурно ќе пристигне. Некои клиенти не добија поврат поради флуктуации на блокчејн во европскиот регион. Компанијата ги изврши сите исплати, можете да се обратите на корисничката подршка на вашата дигитална паричка за да го проверите статусот. Барањата за повраток исто така се обработени, затоа бидете спокојни“ убедуваа администраторите од земјава.

Менаџерите имале голема мрежа на вложувачи, убедувале дека работиш за филмската индустрија ХБО, врбувале роднини и пријатели се со цел да земат процент од мрежата наречена Конти. Се отворале дури и канцеларии во помалите градови од внатрешноста каде се вложувало преку искусни членови за поголема заработка. Приливите во крипто стигнувале на платформи за тргување Бајненс или Бајбит преку кои може да се извадат во било која валута во секое време. Една „рикнува“ друга „никнува“.

Но, како се рашири веста за Конти и одливот на многу изневерени луѓе, веднаш по социјалните мрежи почна да се нуди нова под името Етернал, која за разлика од претходната оваа има помали пакети.

Како што стои во групата, нуди приход со партиципирање во филмската индустрија преку подигнување на рејтингот и гледаноста на најновите филмови преку нивните официјални канали и трејлери. Според интернет страницата за детектирање на пирамидални измами ponzitracker.com во првите 8 месеци од годинава „никнале“ вкупно 73 нови шеми.

Зошто овие измами опстојуваат?

Прво имплементацијата на шемата е лесна, второ ветениот прилив на пари е привлечен и ги лесно ги заведува луѓето искористувајќи ја нивната природна склоност на доверба. Конти „олеснил конта“ и во Словенија. Конти од почетокот на годинава била разработена и во Словенија. Шемата слична како во Македонија, можеш да вложиш минимум 50 евра, а максимум 750, за 25 дена се враќа вложениот износ, а за уште толку се дуплира.

Според словенечките социјални медиуми парите може да се орочат со висока камата. И тука се отвориле менаџерски канцеларии во Копер и Целје, а се барало и активност во групата на Телеграм. Но, еуфоријата по брзи пари набрзо спласнала кога луѓето не можеле да си ги повлечат парите од сметка т.н паричка.

Зошто луѓето паѓаат на пирамидални шеми?

Пирамидалните шеми често ја користат довербата таргетирајќи поединци во помали заедници кои подоцна на ,,истата карта,, ќе убедуваат свои блиски кои веруваат дека оној што го познаваат добро нема намерно да ги вклучи во измама- објаснуваат психолозите кои ги консултираше весникот ВЕЧЕР.

Понзи шемите користат тактики под висок притисок нагласувајќи дека ова е множност што се случува само еднаш во животот и дека времето истекува. Тоа се нарекува психолошки страв на пропуштање, велат стручните лица, моќен мотиватор кој ги тера луѓето да дејствуваат брзо без да направат анализа. Клучен мотив на крајот се брзите и лесни пари кои и тоа како се важни во ова време на финансиски потешкотии па ,, „брзото збогатување“ може да го замато рационалното расудување.

(П.А)