„На гости во Ханриево“ в недела, во реонскиот парк

762

Во рамките на Деновите на Општина Ѓорче Петров, в недела од 12:00 до 14:00 часот, во реонскиот парк ќе се одржи манифестацијата „Од Бистра, преку Дервен, до Ханриево: на гости во Ханриево“.

– Станува збор за фолклорна манифестација на која три години во континуитет, односно веќе традиционално во Ѓорче Петров, по седум детски ансамбли од културно-уметничките друштва го презентираат нашето богато фолклорно наследство. Целта е да се поттикне интересот кај најмладите за негување и за зачувување на македонската традиција – соопштија од Општина Ѓорче Петров.

Притоа, ќе може да се проследат настапите на детските ансамбли на: КУД „ Гердан од бисери“ од Охрид, „Керамичар“ – Велес, на КУД „Димитар Беровски“ – Берово, „Орце Николов“ – Скопје, „Јонче Христовски“ – Скопје и ЕФЗ „Седум осмини“ – Скопје.
Манифестацијата е во организација на Едукативното фолклорно здружение „Седум осмини“ од Ѓорче Петров.

Во деновите што следуваат, доколку бидат добри временските услови, ќе се одржат уште културно-забавни настани за сите генерации.

Од Општината Ѓорче Петров ги повикуваат граѓаните да се придружат во одбележувањето на Деновите на Општина Ѓорче сè до 20 септември, кога е предвиден централниот настан.