Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ претрпе неочекуван пораз во финалето на мастерсот во Мајами, од Јакуб Меншик (7:6, 7:6), со што пропушти да дојде до јубилејната 100. титула во кариерата, па сè почесто се зборува дека е дојден моментот кога ќе му каже „збогум“ на тенисот.
Овој пат во таа конотација пишува британски „Гардијан“, кој објави статија со наслов „Пукнатините се сè поочигледни во играта на Ѓоковиќ додека тој се бори да остане на врвот“. Во текстот се потенцира дека им се случило слично вакво сценарио на Роже Федерер и на Рафаел Надал.
Сепак, „Гардијан“ заборави дека во 2023 година Ноле имаше една од најдобрите сезони во кариерата, дека минатото лето освои злато на Олимписките игри во Париз играјќи на нереално ниво за тие години.
- Невозможно е да се игнорира неговата лоша физичка состојба пред мечот, кој беше одложен поради дождот. На загревањето излезе со сериозно отечено десно око и повеќе пати се обиде да ја третира очигледната инфекција со капки за очи. По мечот, џентлменски избегна да зборува за физичките проблеми, па само тој знае колку му пречеше тоа навистина. Иако таквата неизвесност во решавачките моменти е нетипична за него, последните месеци не му е непозната. Победата на Олимпијадата во Париз, каде што го освои единствениот голем трофеј што му недостигаше, сега останува само исклучок во неговите резултати во последните 16 месеци. Тоа воедно му е единствениот освоен турнир од АТП-финалињата во 2023 година во една од своите најдоминантни сезони. Неговата јубилејна 100. титула сè уште му бега – пишува во својот текст авторот Туманини Карајол, додавајќи дека иако повремено е способен за тенис на највисоко ниво, нему му е тешко да ја одржи константноста бидејќи помладите играчи повеќе не се плашат.
Потоа авторот проговори и за ривалот на Ѓоковиќ, Јакуб Меншик.
- Играчите како Меншик, кој не е оптоварен со стравопочит кон Ѓоковиќ како претходните генерации, сега уживаат во предизвикот да играат против него – вели Карајол.
На крај, авторот го стави Новак Ѓоковиќ во ист кош со другите легенди.
- Роже Федерер и Рафаел Надал го освоија својот последен грен-слем на 36 години. Серена Вилијамс го освои својот последен голем трофеј на 35 години, иако нејзините предизвици беа многу поголеми по раѓањето на ќерката Олимпија. Заклучокот е дека ќе му биде сè потешко да им се спротивстави на предизвиците што му претстојат, да одигра најдобро во решавачките моменти, а на земјена подлога му претстои уште потежок период – заврши новинарот на „Гардијан“.