Германија го намалува бројот на работници од Балканот. Наместо легално доаѓање на 50 илјади нискоквалификувани работници, колку што беше дозволено досега, сега квотата е преполовена. Во Германија со промената на власта ќе биде дозволен влез само на 25 илјади работници од Македонија и од другите балкански земји. Германските работодавачи изразуваат загриженост и укажуваат на потенцијалните негативни последици за германскиот пазар на труд поради преполовување на квотата за влез на работници од Балканот. Агенциите за посредување при вработување во државата за весникот ВЕЧЕР појаснуваат дека во Германија моментално нема големи побарувања на работна сила поради рецесијата и поради големиот број Украинци кои поради војната емигрираа во оваа земја.
-Во Германија моментално е статус-кво. Нема големи побарувања на работна сила како порано затоа што економијата е во криза и нема најави за промена во периодот кој следува. Дури и оние класични сектори кои имаа голема побарувачка на работна сила се намалија, како градежни работници, занаетчии… Сè уште има голем број Украинци кои имаат статус со право на престој и работа. Затоа дел од работните места кои беа предвидени за Македонците и другите работници од Балканот ги извршуваат Украинците, изјави за весникот ВЕЧЕР, Зоран Кочовски, директор и основач на Агенција за посредување при вработување во странство.
Тој појаснува дека намалувањето на бројот на работници се должи и на промената на власта. На новата германска влада една од клучните одредби во делот поврзан со миграцијата ќе ѝ биде намалување на бројот на работници од Балканот.
-Во Германија има многу отпуштања од работа на Германци кои се вработени во германски фирми. Германските компании поради кризата планираат помалку вработувања, а повеќе од нив планираат затворање на работни места. Поради кризата и квотата за влез на работници од Балканот е намалена од 50 на 25 илјади работници годишно, додава Кочовски.
Имено, со сегашните одредби, кои беа воведени во 2016 година, беше дозволено легално доаѓање на нискоквалификувани работници од БиХ, Србија, Албанија, Црна Гора, Косово и Македонија, а квотата по неколку години успешно спроведување на програмата, беше ограничена на 50.000 работници. Новиот коалициски договор предвидува оваа бројка да се преполови и да се овозможи пристигнување на 25.000 работници годишно. Оваа мерка има за цел да ја контролира имиграцијата и да го намали притисокот врз домашниот пазар на труд.
Постои загриженост дека ваквото намалување може да го влоши недостигот на вештини во одредени сектори, а имаше отпор и критики за овие планови во делот на бизнис заедницата. Деловните здруженија, особено од секторите градежништво, нега и угостителство, предупредуваат дека ваквото намалување може дополнително да го влоши постојниот недостиг на квалификувани работници во занаетчискиот сектор.
Сепак, останува можноста за вработување на работници во зависност од потребите на работодавачите. Ако некој работник од Македонија, преку интернет или на некој друг начин најде работа во Германија, потребна е само потврда од германскиот работодавач дека ниту еден работник од Германија или ЕУ не се пријавил за оваа позиција. Со овие документи тој може да оди во германското конзуларно одделение за визи во неговата земја и да побара работна дозвола за работа во Германија.
Германските работодавачи изразуваат загриженост и укажуваат на потенцијалните негативни последици за германскиот пазар на труд поради преполовување на квотата за влез на работници од Балканот. Покрај работодавачите, незадоволни се и синдикатите кои сметаат дека работниците од Балканот се покажале како добри работници и придонеле за развој на германската економија.
Работниците од Македонија и од другите балкански земји, пак, се почесто се одлучуваат да се вратат дома, жалејќи се на значителното зголемување на трошоците за живот.
(А.С.)