На Германците во Охрид им е џабе, плаќаат 25 евра за ноќевање, со појадок и вечера

– Во Охрид веќе има групи туристи од Германија. Тоа се оние туристи што дојдоа со најавените чартер-летови. Капацитетите се околу 20 отсто пополнети и за оваа ниска сезона, тоа е добро. Добро е што не е празно како другите години и што има движење и туристи низ градот и низ Чаршијата. Цените се многу ниски и германските туристи плаќаат по 25 евра за ноќевање, со појадок и вечера – изјави за ВЕЧЕР претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажевски

44

И покрај тоа што сè уште е рано за почеток на туристичката сезона, Охрид е атрактивен за посета на бројни гости, кои уживаат во неговите убавини. Низ градот и низ Чаршијата може да се видат групи туристи од Германија и од другите соседни земји. Угостителите тријат раце и велат дека ако се познава денот по утрото, Охрид го очекува добра туристичка сезона. Од Асоцијацијата на хотелиери ХОТАМ велат дека околу 20 отсто од капацитетите се пополнети, што е добар показател за овој период од годината.

– Во Охрид веќе има групи туристи од Германија. Тоа се оние туристи што дојдоа со најавените чартер-летови. Капацитетите се околу 20 отсто пополнети и за оваа ниска сезона, тоа е добро. Добро е што не е празно како другите години и што има движење и туристи низ градот и низ Чаршијата. Цените се многу ниски и германските туристи плаќаат по 25 евра за ноќевање, со појадок и вечера – изјави за ВЕЧЕР претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажевски.

Тој додава дека и покрај зголемените трошоци за струја, храна… хотелиерите одат со ниски цени само за да привлечат што повеќе туристи и немаат речиси никаква заработка.

– Хотелиерите треба да добијат некакви субвенции од Владата, бидејќи туристите трошат пари надвор од хотелите, ја јакнат локалната економија и го полнат буџетот. Освен Германците, во овој период нема голем број други странски туристи. За 8 Март имаше повеќе гости од Холандија, Полска и од другите соседни земји. Очекуваме добра пополнетост и зголемен број ноќевања во текот на велигденските и на првомајските празници и уште подобра летна туристичка сезона – вели Блажевски.

Инаку, до крајот на годинава се очекуваат преку 35.000 туристи само од чартер-летови од Германија и најмалку по еден лет дневно со околу 200 туристи надвор од главната туристичка сезона.

– Македoнија прв пат гледа голем број туристи надвор од главната сезона. Со заеднични напор на Владата, на тур-операторите и на „ТАВ Македонија“, успеваме да привлекуваме туристи што доаѓаат надвор од главната летна и зимска сезона. Во периодот меѓу февруари и мај и периодот меѓу октомври и декември, само оваа година ќе дојдат 35 илјади туристи. Очекуваме да расте тој број во годините што доаѓаат. Тоа значи 35 илјади туристи што ќе ги полнат хотелите, што ќе ги посетат убавите ресторани и кафетерии, ќе купат убави сувенири, ќе придонесат за локалната економија, ќе ги пробаат македонските вино и храна и ќе ги пренесат убавите спомени од Македонија. Најмалку по еден авион дневно ќе слетува на Скопскиот аеродром и некаде од 180 до 200 луѓе ќе доаѓаат за да ги посетат знаменитостите во Македонија – изјави министерот за транспорт, Александар Николоски.

Потврда дека расте бројот на странски туристи се и статистичките бројки, според кои во јануари државата ја посетиле вкупно 49.870 туристи, од кои 31.502 странски туристи. Во однос на структурата на странските туристи, и овој пат најмногубројни се Турците 8.510, следуваат гостите од Србија 3.107, од Грција 3.016, од Бугарија 2.241, од Албанија 2.239, од Косово 2.064 и од Германија 1.005. Вкупниот број туристи во јануари 2025 во однос на јануари 2024 година е зголемен за 4,4 отсто, а бројот на ноќевања – за 4,7 отсто. Кај бројот на домашни туристи се бележи намалување за 4,9 отсто, а кај странските – зголемување за 10,8 отсто.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ