Шокантна вест доаѓа од Еквадор каде што сопругата и петгодишното дете на фудбалерот на Емелек, Џексон Родригез, биле киднапирани од семејната куќа додека тој се криел под кревет.
Според полицијата, маскирани напаѓачи упаднале во куќата околу 3:00 часот по полноќ, во потрага по 26-годишниот лев бек, кој, според неговото сведочење, панично успеал да се скрие под креветот. Откако влегле, напаѓачите ја прашале неговата сопруга дали е во куќата, а потоа не наоѓајќи го, ја киднапирале неа и детето.
Фудбалерот подоцна ѝ кажал на полицијата дека ги видел киднаперите низ прозорец, како бегаат со сив пикап.
Ова киднапирање доаѓа во време на вонредна состојба прогласена пред десет дена, во девет региони низ Еквадор, вклучувајќи ја и провинцијата Гвајас, каде што се наоѓа Гвајакил. Вонредната состојба овозможува поинтензивно ангажирање на војската и на полицијата во борбата против организираниот криминал, кој се смета за одговорен за бранот насилства во земјата.
Енормното насилство во Еквадор трае веќе четири години, а во првите три месеци од 2025 година се регистрирани дури 2.345 насилни смртни случаи, од кои 742 во Гвајакил.
Родригез не е првиот спортист на „нишан“, во декември минатата година, фудбалерот на ЛДУ Кито, Педро Перласа, беше киднапиран во градот Есмералдас и ослободен неколку дена подоцна.
Полицијата интензивно трага по киднаперите, додека јавноста нестрпливо ги чека информациите за судбината на членовите на семејството на фудбалерот.