Најмногу Филипинци, а и голем број странци, вкупно стотици луѓе, полицијата спаси од „романтичен центар за измами“ на Филипините, каде што криминална организација ги терала да се претставуваат како љубовници на Интернет.
Полицијата соопшти дека вчера извршила рација во центарот и спасила 383 Филипинци, 202 Кинези и 73 други странски државјани. Центарот, кој се наоѓа на околу 100 километри северно од главниот град Манила, официјално се претставува како компанија за онлајн коцкање.
Во таквите центри, чиј центар стана Југоисточна Азија, самите измамници често се заробени и принудени на криминални активности. Криминалните групи мамат млади технолошки жртви, а нивните активности се движат од перење пари и крипто измами до таканаречени љубовни измами.
Сè обично почнува со тоа што измамникот зема лажен идентитет за да ги стекне наклонетоста и довербата на својата жртва, а потоа ја користи илузијата на романтична или интимна врска за да манипулира или за да краде од жртвата.
Вчерашната рација била организирана по дојава од Виетнамец, кој минатиот месец успеал да побегне од центарот за измами, соопшти полицијата. Тој пристигнал на Филипините во јануари оваа година, откако му била ветена работа како готвач, информира Винстон Касио, портпарол на Комисијата за организиран криминал, информираат медиумите.
Тој раскажал дека набрзо сфатил дека не само тој туку и стотици други станале жртва на трговците со луѓе, кои вршеле романтични измами и измами со криптовалути. Виетнамецот рекол дека групата ги заробила во центарот и ги принудила да испраќаат љубовни пораки до жртвите, од кои повеќето биле Кинези.
Тој избегал од објектот на крајот од февруари, прескокнувајќи ѕид, препливувајќи река и криејќи се на фарма. Сопственикот на фармата потоа пријавил во полиција.
-Тој покажа видливи знаци на тортура, вклучувајќи лузни и траги од струен удар – рече Касио, додавајќи дека неколку други се обиделе да избегаат, но биле фатени.
Полицијата во центарот заплени и три пушки, еден пиштол, два револвера и 42 парчиња боева муниција. Истрагата е сè уште во рана фаза, бидејќи повеќето од спасените во рацијата се во шок, рече тој.
Од Би-би-си објавија дека разговарале со луѓе жртви на овие криминални мрежи.
Многумина рекле дека патувале во земјите од Југоисточна Азија како Камбоџа и Мјанмар за да одговорат на огласите за работа, со кои им ветувале поволности. Тие биле заробени по пристигнувањето и им се заканувале ако одбијат да учествуваат во измамите. Бегалците и преживеаните наводно трпеле тортура и нечовечко постапување.
Владите ширум Азија, од Индонезија до Тајван, дигнаа тревога поради порастот на бројот на овие центри за измама. Странските амбасади во земји како Камбоџа и Тајланд, на пример, издадоа предупредувања до своите граѓани да внимаваат да не бидат намамени во центрите за измама.