Маџирмаалци се горди на својата игра „фанта“, која почнала да се игра од 1689 година, а ја донел австрискиот генерал Пиколомини со својата војска, кога го ослободил Скопје од Османлиите. „Фанта“ се игра традиционално секоја година кога се организираат познатите „Маџирмаалски средби“, оваа година јубилејна 40 година по ред на која можат да им позавидат многумина.

Маџир Маало е скопска населба на еден километар од центарот на Скопје, а неговите сегашни жители, но и оние кои се отселиле се горди луѓе на своето потекло. Еден од нив е 81-годишниот Иван Стојковски, или познат по прекарот Ване Гуската, кој ни раскажа како се игра „фанта“ во Маџир Маало.

– Војниците на генералот Пиколомини за да си го потрошат времето и да ја убијат досадата во нашето маало, каде што биле стационирани, ја играле играта “фанта”. Дел од војската била стационирана и во Црниче, но и кон Косово и таму играле „фанта“, но таа традиција продолжи само во нашето маало – вели чичко Ване.

Иван Стојковски, 81-годишен пензионер од Маџир Маало

Играта ја имаат подигнато на високо ниво, така што секоја година на победникот кој ќе стане прв фантаџија му се доделува пехарот.

–  А таа се игра така што на земја се обележува линија и од оддалеченост од 7 метри петмина играчи фрлаат по една паричка. Играчот чија паричка е најблиску до линијата, ги собира сите пет парички и ги фрла угоре во воздухот. Кога паричките ќе паднат на земја, се гледа колку од нив паднале со глава или со петка. Ако паднат три петки, тој добива, односно сите парички се негови. Ако паднат три глави, ги остава сите парички на следниот кој бил најблиску до линијата. Тој го повторува истото. Играта се игра се до петтиот натпреварувач. Така, се формираат групи од по пет играчи и секој победник од групите игра за влегување во финале, кое го играат последните двајца победници. Другите кои набљудуваат отстрана се кладат меѓу себе кој од натпреварувачите ќе добие три глави или три петки. Порано кладењето било во пари, но подоцна го исфрливме и сега се игра за пехар – ни раскажа чичко Ване.

Стојанчо Тодоровски од Ново Маало, пак, појаснува дека „фанта“ може да играат и тројца, но и повеќе.

– Се фрла на линија, кој е прв ги зема и ги фрла во воздух и вика „две све“. Ако се повеќе тој што ги фрла вика „три све“ или „четири све“. Ако паднат две или три, па и четири парички „петки“ ги зема тој што ги фрлил, но од страна е многу поинтересно бидејќи паѓаат кладења меѓу себе на тој што ги фрла да паднат повеќе „петки“, така да тие добиваат, а ако паднат повеќе „глави“ другите губат – вели Тодоровски.

Порано „фантата“ била маалска комарџиска страст. Постоеле дури и професионални играчи на фанта, наречени фантаџии, кои шетале од маало до маало и добро печалеле од играта. Ако попаднеле во шепите на итрите фантаџии, наивните маалчани губеле и месечна заработувачка.

Маџир Маало е едно од најстарите скопски маала. Изградено е пред околу 200 години во строгиот центар на Скопје, веднаш од десната страна на реката Вардар и затоа и првобитното име му било како најголемата македонска река.

Од ова маало потекнуваат видни културно-спортски личности од минатото и сегашноста, како амбасадорката на ромската песна Есма Реџепова, естрадниот уметник Зафир Хаџиманов, поранешната градоначалничка на општина Центар, Виолета Аларова, актерот Ненад Стојановски, тренерот на ФК Вардар Урош Петровски, фудбалерот на Црвена ѕвезда Кирил Дојчиновски, фудбалерот и поет Љубиша Николиќ, пливачкиот маратонец Александар Панчевски, кој е редовен учесник на Охридскиот-пливачки маратон и други.

(С.БЛ.)