Народните верувања велат дека априлските дождови се благослов и бериќет. Тоа најдобро, овој врнежлив месец, го почувствуваа докторите, полицајците и пензионерите на кои, ако не им заврна, барем им капна по некоја илјадарка во месечните примања.
Така, докторите, сестрите, болничарите и другите здравствени работници добија повисока плата за март, за 15 проценти. Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната плата во јануари годинава, во дејноста здравствена заштита, изнесувала 52.281 денари и со покачувањето од 15 проценти (7.842 денари), достигнала 60.123 денари или без малку илјада евра.
За 10 проценти е зголемена и исплатена мартовската плата за вработените во Министерството за внатрешни работи (МВР). Нема статистички податок колку е просечната исплатена плата во јануари годинава само за вработените во МВР, но затоа, пак, има за секторот јавна управа и одбрана, каде што се наведува дека просекот изнесува 45.638 денари и со покачувањето од 4.564 денари, сега достигнува 50.202 денари.
Но, од Македонскиот полициски синдикат не се задоволни со ова покачување и веќе поднеле ново барање за дополнително зголемување на платите на вработените во МВР за 10 проценти, најдоцна до крајот на 2025 година.
– Македонскиот полициски синдикат, како репрезентативен синдикат и социјален партнер во рамките на МВР, го поздравува започнатиот процес на зголемување на платите на вработените во Министерството за внатрешни работи за 10 %. Меѓутоа, зголемувањето од 10 % не ги исполни нашите барања во целост и сме на ставот дека е недоволно за подобрување на економско-социјалниот статус на полициските службеници, но е добар почеток, конечно, платите во МВР да почнат да растат со посакуваното темпо. Согледувајќи ги моменталната социјално-економска состојба и зголемените трошоци и животниот стандард на вработените, бараме платите на нашите вработени да бидат покачени за дополнителни најмалку 10 % најдоцна до крајот на 2025 година – се наведува во барањето.
Од Синдикатот посочуваат дека поради ниските плати, секојдневно има заминување на вработените од безбедносните институции, а особено од МВР.
– Најголем проблем при отворањето на конкурсите за прием на кадети за полициски службеници е заинтересираноста, која е незначителна, односно се пријавуваат недоволен број кандидати, а причина се ниските плати. Се надеваме дека МВР, во договор со Владата, ќе изнајде решенија и ќе предвиди финансиски средства за дополнително покачување на платите на сите вработени во Министерството за внатрешни работи, согласно со нашите барања – пишува во барањето на Македонскиот полициски синдикат.
И пензионерите не останаа „суви“. Со второто линеарно зголемување, над 340 илјади пензионери добија повисока мартовска пензија за 2.500 денари или за шест месеци пензиите скокнаа за 5.000 денари. Премиерот Христијан Мицкоски смета дека со ова покачување, најниската пензија изнесува 18.192 денари, додека просечната пензија околу 26.258 денари, со што пензионерите, конечно, го добиле заслуженото.
– Во буџетот за 2025 година, се обезбедени 15 милијарди денари за зголемување на пензиите и дополнителни 1,9 милијарди денари за здравствено осигурување на пензионерите, односно вкупно 17 милијарди денари – рече Мицкоски.
Некоја илјадарка повеќе ќе добијат и вработените во образованието, односно наставниот кадар, но и сите вработени во основните и во средните училишта. Нивните плати ќе бидат повисоки за седум проценти, но ова се однесува на априлската плата што ќе им биде исплатена во мај. Според статистичките податоци, во јануари годинава, просечната плата во дејноста образование изнесувала 42.936 денари и со покачувањето од 7 проценти (3.005 денари), таа ќе рипне на 45.941 денар.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, вели дека и оваа година, како и претходните, наставниците ќе си добијат поголема априлска плата за седум проценти и ќе важи и за сите други вработени во училиштата, и во основното и во средното образование.
Според новата спогодба за раст на платите потпишана меѓу Министерството за образование и Самостојниот синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), најниската плата за најнискиот степен на сложеност на вработените во основните училишта изнесува 22.745 денари. Јаневска објаснува дека спогодбата за покачување на платите е потпишана уште лани, кога било договорено со СОНК континуирано, во следните четири години, да има зголемување на процентот на платата на сите вработени во училиштата.
– Оваа година, идентичната спогодба ја потпишавме повторно за да може да се исплати мартовската плата во април со покачени седум проценти. Точно е дека одредена група вработени во училиштата имаат коефициент на минимална плата, ама тие никогаш, ни лани, преклани, не добивале 15 илјади денари плата. И во изминатите години, тие добивале минимална плата и се однесувала на општ работник, садомијачка. На најнискиот коефициент на сложеност на работа, и оваа година тие ќе си ја добијат гарантираната минимална плата, што значи ќе има разлика од претходната до оваа, ќе си го добијат тоа покачување. Сите други ќе си добијат според коефициентот на сложеност на работата, како и секоја година – потенцира Јаневска.
МОН и СОНК лани договорија постојан раст на платите за наредните четири години, за вкупно 46 проценти. Така, годинава порастот на платите на вработените во образованието ќе биде 7 проценти, во 2026 и 2027 година треба да биде помеѓу 7,5 и 10 проценти, а во 2028 година да е од 10 до 12,5 проценти.
(С.Бл.)