Во Скопскиот „Ивент центар“ Милорад Цајиќ-Цајо, за сите оние кои се чувствуваат „Forever young “!
Познатиот скопски менаџер Милорад Цајиќ-Цајо повторно сите ќе нè направи да бидеме млади. Ако не поинаку, тогаш преку својата најнова ноќна забава која ќе се одржи на 22 март во „Ивент центар“ во Скопје, на Меѓународниот ден на младенци.
И тоа по осми пат, ќе ја биде оваа добро познатата ретро-забава „Засекогаш млад“ (Forever young 2025), но годинава поатрактивна и се надеваме позанимлива. Не дека претходните не беа такви, годинашнава ветува посилна забава, со самото тоа што својот сет ќе имаат повеќе диџеи. Сепак да нема „љутиш“, на ланската забава, која се одржа во салата „Јане Сандански“, музиката ја пуштаа исто така одличните диџеи: Бабура Јуниор, Дела, Вера Јанковиќ, Ерик Фокс и Тута.
Секогаш кога ваквите забави Цајо ги организира, тие се вистински празник за Скопје. Речиси целиот град со урбаните ликови ќе се најде на едно место. Често се случува во таа гужва и да се сретнат, видат, изгушкаат и муабетат старите пријатели, (како во оној ЈУ-евергрин „Пријатељи стари гдје сте, сад ко зна гдје су дани ти кад смо дјеца били ми….“) а, и кои којзнае од кои причини пријателите не се виделе што се вели, едно „сто години“! Затоа забавите на Цајо се вистински момент, за обнова на спомените, слушање стара добра музика со омилените пејачи, како и размена на поминато искуство низ животот.
Цајиќ вели дека забавата на 22 март се одржува по повод 45 години од првата забава што ја има организирано во 1980 во дискотеката ‘Таверна’.Тогаш беше исплашен забавата да не му пропадне поради вложените пари, но немаше простор за страв. За кусо време пред дискотеката се создадоа огромни редици луѓе. Цајо како паун беше горд поради посетеноста па, мораше да допечатува уште некои плус 200 влезници. Интересот кој можеше да се споредува само кога настапува, на пример Здравко Чолиќ, чии песни исто така се дел од забавата и носталгично сеќавање на едно друго време. А и заработувачката тогаш, беше секако, повеќе од задоволителна. Д.М.