Во победата на републиканецот Доналд Трамп на претседателските избори во САД италијанско село виде можност како да процвета. Дел од Американците се незадоволни од изборот, не сакаат Трамп повторно да им биде претседател, па како што пишува Си-Ен-Ен, селото Ололаи на Сардинија ги повика да се доселат.
На Американците незадоволни од победата на Трамп ова село во кое со десетлетија му се намалува населението им нуди да купат куќи за само едно евро. За волја на вистината, во ова и во многу други италијански села, особено на Сицилија и претходно се продаваа напуштени и трошни куќи за само едно евро, но се смета дека шансите да се реализира овој проект станале поголеми.
Сега селото отворило веб-страница наменета на Американците на која тие можат да ја прегледаат понудата на евтини домови во надеж дека оние кои се незадоволни од резултатите од изборите ќе решат да се преселат тука.
-Дали сте исцрпени од глобалната политика? Сакате ли да уживате во балансиран начин на живот, со многу нови можности? Време е да почнете да работите на својот европски бег во восхитувачкиот рај на Сардинија, порачуваат на страницата на која пишува и дека Ололаи е совршена дестинација за повторно поврзување, полнење и прифаќање нов начин на живот.
Веб-страницата го опишува селото со само 1.150 жители како место кое нуди неверојатна кујна и негува древни традиции во ретката „сина зона“ на Земјата.
-Откријте низа предности од основачите на глобалниот феномен „Куќа од 1 евро“. Без разлика дали барате куќа од 1 евро за реновирање или дом подготвен за преселба, ние ќе ве водиме низ секој чекор од вашето патување, од прегледи до наоѓање изведувачи и навигација низ неопходната бирократија, се наведува во понатаму во соопштението.
Ололаи има организирано и посебен тим што ќе им помага на заинтересираните купувачи при секој чекор до новиот дом.
Претставникот на селото Франческо Колумбу објасни дека страницата е посебно направена да ги привлече незадоволните американски гласачи по претседателските избори. Објаснува дека ја сака Америка и дека е уверен дека Американците ќе помогнат во оживување на селото.
-Ќе се фокусираме на Американци, пред се. Секако, не можеме да им забраниме на луѓето од други земји да се пријават, но Американците ќе имаат брза процедура. Се обложуваме на нив да ни помогнат да го оживееме селото, тие се нашата карта за успех, објасни тој.
Инаку, селото нуди неколку вида сместување. За дигиталните номади предвидени се бесплатни привремени домови, а освен тоа по цена од едно евро се нудат и куќи на кои им е потребно реновирање. Од друга страна, куќите кои се веднаш вселиви се продаваат по цени до 100.000 евра.