На „Ало, Бушавко“ се јавиле и три деца со самоубиствени мисли и обиди!

350

Според податоците за 2024 година, сите деца што биле опфатени со јавувања на линијата за деца и млади „Ало, Бушавко“ при Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, се соочувале со повеќе од еден проблем од областа на менталното здравје, кое, како категорија, било најизразен проблем, со 74,2 % од вкупниот број проблеми по категорија. Меѓу децата што се јавиле, дури 97 се пожалиле на страв и вознемиреност, 93 на тешкотии со гневот, а 79 изразиле голема загриженост за себе. Оваа година, вниманието било свртено и на неколку случаи пријавени на СОС-телефонот за деца и млади „Ало, Бушавко“ што биле поврзани со самоубиствени мисли и обиди за самоубиство

 

Стравот, вознемиреноста, проблемите со гневот, загриженоста за себе и проблемите со расположението се најчестите проблеми пријавени на линијата за деца и млади „Ало, Бушавко“ при Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, во 2024 година.

Според податоците за овој период од една година, сите деца што биле опфатени со јавувања се соочувале со повеќе од еден проблем од областа на менталното здравје, кое, како категорија, било најизразен проблем, со 74,2 % од вкупниот број проблеми по категорија. Меѓу децата што се јавиле, дури 97 се пожалиле на страв и вознемиреност, 93 на тешкотии со гневот, а 79 изразиле длабока загриженост за себе.

Оваа година, вниманието било свртено и на неколку случаи пријавени на СОС-телефонот за деца и млади „Ало, Бушавко“ што биле поврзани со самоубиствени мисли и обиди за самоубиство.

– Оваа појава е особено актуелна како последица на социјалната изолација, користењето на социјалните мрежи, неизвесност и стресот, кои се главни фактори што придонесуваат за овој проблем. Иако не беа многу на број (три деца со обид за самоубиство), сепак, загрижува значителното зголемување на пријавените самоубиствени мисли и обиди, што претставува алармантен сигнал за преземање навремени интервентни мерки. Важно е да се зајакнат системите за поддршка, да се едуцираат родителите и наставниците за препознавање на предупредувачките знаци, како и да се намали стигмата поврзана со барањето помош за менталните проблеми – потенцираат од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.

Главната причина за овие психолошки состојби, односно проблеми со менталното здравје кај децата е проблематичниот однос на родителите, особено по разводот, неусогласеноста во однос на контактите со детето или неостварувањето средби со родителот што не е старател, се наведува во годишниот извештај на линијата за деца и млади „Ало, Бушавко“, кој беше презентиран вчера, во Центарот за социјални претпријатија.

Според извештајот, проблемите се јавуваат и поради нарушените меѓучовечки односи, како што се врсничките конфликти и проблемите во односите меѓу наставниците и учениците.

Во текот на 2024 година, заклучно со 27 декември, на СОС- телефонот за деца и млади имало 208 повици, а вкупниот број на деца и млади што биле опфатени со случаите бил 222.

Според возрасната група, најмногу од јавувањата се однесувале на децата на возраст од 7 до 9 години, од кои 108 биле машки, а 87 женски. Најголем број од децата, односно 210, живеат во урбана средина, а 168 од вкупниот број јавувачи се Македонци, 16 Албанци, 7 Роми, додека за 17 случаи не е утврдена етничката припадност.

Категоријата „Семејни односи“, која е четврта по зачестеност, вклучува 17 случаи што директно се поврзани со конфликтите меѓу родителите. На второ место се случаите поврзани со насилството и занемарувањето, што сочинува 16,8 отсто од пријавените случаи. Најчесто пријавено е емоционалното насилство (30 случаи), потоа следуваат занемарувањето (21) и физичкото насилство (18 случаи).

Пријавувани се и прекршувања на детските права во образованието. Од вкупно 18 случаи, дури 16 се однесуваат на неправилности во односот со наставниот или стручниот кадар.

Во текот на постапувањето и давањето поддршка, тимот на „Ало, Бушавко“ – телефонот за деца и млади често соработувал со центрите за социјална работа, особено со Интервентниот тим при скопскиот центар, како и центрите од другите градови, народниот правобранител, Секторот за внатрешни работи, училиштата, Здружението на млади правници, Коалицијата за правично судење, како и други чинители и организации заради обезбедување подобра и поефикасна поддршка на јавувачите.

– Беше обезбедена директна помош или поддршка на случаите во кои се засегнати шест деца. Покрај тоа, дадени се соодветни препораки за случаите, дадени се информации за контакт со соодветната институција, упатени се до други организации или институции, како и до агенции/институции надлежни за спроведување на законот – информираа од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.

Оттаму апелираат за посилна интерсекторска соработка, подобри услуги за менталното здравје на децата и за зголемена чувствителност на училиштата и на семејствата во препознавањето и справувањето со овие проблеми.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ