В.д. градоначалникот на Општина Гостивар, Ваљбон Лимани, информираше дека од вкупно тринаесет, колку што ѝ беа прифатени за финансирање од првиот повик на Владата, на три веќе се работи, а меѓу покрупните е уредувањето на улицата „13“, во близина на основното музичко училиште. Лимани истакна дека, освен основниот проект за реконструкција, ќе се прошират работите со тоа што ќе биде заменета и водоводната цевка што минува под улицата
Почна реализацијата на капитални проекти во Општина Гостивар што се финансираат од првиот повик на Владата. В.д. градоначалникот, Ваљбон Лимани, информираше дека од вкупно тринаесет, колку што ѝ беа прифатени за финансирање, на три веќе се работи, а меѓу покрупните е уредувањето на улицата „13“, во близина на основното музичко училиште.
Лимани истакна дека, освен основниот проект за реконструкција, ќе се прошират работите со тоа што ќе биде заменета и водоводната цевка што минува под улицата.
– Со проектот што ја доби владината поддршка, беше предвидено асфалтирање, но решивме да вложиме општински пари и да се изврши замена на водоводната инсталација – изјави Лимани, нагласувајќи дека треба да завршат работите до крајот на април.
Во моментов се вади стариот асфалтен слој и екипи на ЈП „Комуналец“ ја уредуваат подземната водоводна инсталација. Инвестицијата е 6,5 милиони денари, од кои 4,5 милиони се за асфалтирање и 2 милиони денари за новата водоводна цевка.
Првиот човек на Општина Гостивар посочи дека наскоро треба да започнат работите на покрупните проекти што се дел од владиниот пакет за поддршка на локалните самоуправи.
– Во моментов, се одвиваат работи на старата улица „Балиндол“ и на улицата „Никола Тесла“. Наскоро почнуваат работите на уште три локации. За помалку од еден месец ќе започнат два крупни проекти. Едниот по булеварот од населбата Малеарди до мостот до Основниот суд, а другиот за улицата „Беличица“, што се финансира од Светска банка – појасни Лимани.
Тринаесетте проекти од првиот повик што ги доби Општина Гостивар, имаат вредност од приближно 2,7 милиони евра. Од вториот владин повик се очекува да добие 40 нови проекти.