Кошаркарите на МЗТ Скопје го добија вечното дерби со Работнички со 75:63, во дуелот од 14. коло во Првата македонска лига. За тимот од Аеродром, ова е 13. победа во последните 14 меѓусебни дуели, со што се покажува доминацијата во последните неколку години.
„Металците“ дојдоа до оваа победа благодарение на третата четвртина, кога со серија 15:3, од минус пет (44:49) дојдоа до предност од 59:52. Потоа ја одржуваа предноста и на крајот дојдоа до 11. победа во лигата.
Најзаслужен за победата на МЗТ беше Војдан Стојановски, кој ја заврши средбата со 20 поени и четири асистенции, додека двоцифрен поентерски ефект кај „сино-белите“ имаа уште и Бојан Крстевски со 14 поени, Дион Едвин со 12 поени и шест скока и Андреј Маслинко со 11 поени и девет скока. Стојан Ѓуроски со 18 поени, четири скока и осум асистенции беше убедливо најдобар кај Работнички.