МЗ:Ќе може закажување скрининг на дојка и преку матичен

Здруженијата бараат Владата да издвојува повеќе пари за превенција од рак

62

По повод одбележувањето на Светскиот ден за борба против ракот, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените бара од Владата повеќе да издвојува од буџетот за превенција на здравствената заштита.

– Особено е алармантна состојбата со скринингот на ракот на грлото на матката, кој иако е воведен во 2012 година, не овозможува соодветна превенција. За успешен скрининг, потребно е да бидат опфатени најмалку 75 % од жените, но во 2023 година биле тестирани само 11 % од целната група. Недоволната распределба на финансиски средства (само 11 милиони денари годишно), недостигот на гинеколози во 40 општини, како и проблемите со електронското пријавување, ја загрозуваат ефективноста на програмата – соопштуваат од Здружението и бараат итно зголемување на средствата за скрининг на ракот на грлото на матката на минимум 35 милиони денари годишно.

– Поради тоа, секоја година од рак на грлото на матката заболуваат околу 200 жени, а во изминатите години, секоја година умирале меѓу 40 и 60 жени од рак на грлото на матката. Сите овие смртни случаи може да се спречат доколку имаме добро организиран и соодветно финансиран скрининг на ракот на грлото на матката, како и соодветен опфат со ХПВ- вакцинација на младите – предупредуваат од Здружението.

Од Министерството за здравство велат дека опфатот на скринингот на дојка од 2023 до октомври 2024 година е 12.473 жени, а за матка, опфатот е 50,529 жени, во тој период.

– Ова се податоци што укажуваат за значително зголемување на опфатот во споредба со претходните години. Во рамките на програмата за скрининг на дојка, се опфаќаат жени од 40 до 69 години, кои имаат можност да се пријават самостојно на интернет- страницата. Сега, со оваа програма во 2025 година, ќе се овозможи и закажување скрининг преку матичниот лекар – рече заменик-министерот за здравство, Јовица Андоновски.

 

ИЗДВОЕНИ