Реструктурирање на долговите на Македонска пошта и на МЖ-Транспорт и постигнување на нивна профитабилност, најави вицепремиерот за економски прашања и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, со цел, како што рече, вработените во овие две државни акционерски друштва да можат редовно да земаат плата. Што се однесува до ЈП МЖ-Инфраструктура, кое е државно претпријатие кое е во загуба подолг период, за него ќе може да се помогне од буџетот за да се стабилизира состојбата таму.

– Се работи за 4.400 вработени во овие три претпријатија. Мора да најдеме баланс каде што луѓето дома ќе носат плата и мора да е така, затоа што на крајот на денот сите имаат семејства и треба да живеат, но од друга страна, мора да има и продуктивност како тоа би се оправдало. Со планот што го имаме за нив очекуваме стабилна ситуација до крајот на годината и веќе од следната година да зборуваме за развој – најави Николоски.

Според него, недозволива е задолженоста на Македонска пошта и на МЖ- Транспорт и повика МВР и Обвинителство да истражат зошто е тоа така.

– Македонска пошта во моментов има отворен кредит кон една банка, кој,  според мене, е лихварски и тоа моите претходници само го оставале. Со раководството на Пошта тој кредит ќе го репреговараме, затоа што е недозволиво, на тој начин се уништува претпријатието. Исто така, МЖ-Транспорт има позајмици од МЕПСО, кои, според мене, се направени да го оптоваруваат претпријатието. Зошто е тоа правено во минатото ќе си открие Обвинителството. Врз основа на ревизорските извештаи, кои ги достави ДЗР до мене, повикав полицијата и Обвинителството да го истражат – рече министерот Николоски пред обраќањето на трибината: „Развој како услов за опстанок на македонското градежништво”, во организација на Градежниот факултет.

На трибината беше посочено дека има намален интерес за студирање во градежната струка. Деканот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски, нагласи дека држава без домашно градежништво многу тешко дури и невозможно е да функционира.

– Во изминатите две години имаме запишано околу шеесетина градежници, само по осум геодетски инженери и по два-тројца инженери по геотехника. Ние сме единствен факултет во државава од ваков тип. Можете да замислете што тоа ќе значи за понатаму. Само со трипартитна соработка помеѓу државата, односно Владата, образованието односно факултетот и стопанството претставено преку стопанските комори, може да се изнајдат решенија што ќе доведат до тоа да се подигне оваа гранка на ниво што го заслужува, „да биде најдоходовна, да учествува со најголем процент во БДП и дури и да се направи да биде извозна – укажа Марковски.

Според него, мора да се најде начин да се мотивираат новите студенти со државни стипендии и стипендии од стопанството, но и да се подигнат нивните примања на почетокот на кариерата.

– Тоа може да се случи единствено со фаворизирање – позитивна дискриминација на домашните компании, за да може да се развиваат и на тој начин да вложуваат во стручниот потенцијал. А компаниите треба да сфатат дека без вложување во човечки капитал не може да има напредок и развој. Градежништвото, земјоделието и туризмот се можеби единствени стопански гранки, што може да оформат целосен производ во нашата држава. Наша задача е да им помогнеме на овие гранки за да можат тоа да ни го возвратат. А градежништвото докажало дека тоа може да го направи – рече Марковски.

Ќе се побара да се декласифицира договорот со „Бехтел и Енка“, но потребна е согласност и од другата страна

Министерот за транспорт и врски, Александар Николовски, се заложува јавноста конечно да го види Договорот со „Бехтел и Енка“ и од него да се тргне превезот на „државна тајна“.

–Најверојатно, идејата на партнерот од другата страна била да се потпише договор за да не се изнесуваат детали за конкуренцијата, но тој е обвиткан со магла. Досега имавме една средба со изведувачот и бараме договорот да биде јавно презентиран, со цел јавноста да види што има во него. Но, за такво нешто е потребна согласност од двете страни. Побитно е Македонија да добие повеќе километри автопат од тоа што е потпишано, ама за истата финансиска рамка. Затоа од мене ќе биде недомаќински да го прекинам договорот, а средствата се веќе кај изведувачот. Тој може да тужи и да бара отштета, па во ветер ќе отидат можеби половина милијарда средства, издвоени од џебот на македонските граѓани, а ние ќе останеме без ниту еден километар автопат – рече Николоски.

За автопатот Кичево – Охрид потсети дека таму има многу проблеми поврзани со експропријацијата, но ќе се вложат сите сили тој да биде завршен до 2026 година за да добиеме функционален автопат.

(С.Бл.)