-Свириме исклучително тешка програма, а јас ќе бидам и солист и диригент. Ќе ги водам музичарите преку слушање и внатрешно разбирање на музиката, што е голем предизвик за сите нас. Чест ми е што преку овој концерт, посветен на жртвите од пожарот во Кочани, ќе придонесеме барем малку за утеха на нивните семејства“, рече на денешната прес-конференција светски познатиот виолинист Роман Симовиќ, кој на 29 април (20 часот), во камерната сала на Македонската филхармонија, ќе настапи заедно со оркестарот на „Фејмс“ институтот составен од млади музичари од повеќе европски земји.

Симовиќ на прес-конференција што се одржа во просториите на „Фејмс“ институтот изрази и голема почит кон студентите со кои ќе настапи, како и кон самата институција.

– Кога влегов овде, имав чувство дека сум влегол во Европската Унија. Организацијата е совршена, пробите почнуваат и завршуваат точно на време, а младите музичари ме воодушевија со својата посветеност, рече тој.

На концертот, публиката ќе има можност да ужива во изведба на делото за виолина и оркестар и Симфонија бр. 7 од Лудвиг ван Бетовен.

Уметничката директорка на „Фејмс“, Маја Чаначевиќ, пак, ја потенцираше исклучителноста на концертна програма.

-Ова е навистина голема прилика за нашите млади музичари да ја споделат сцената со еден од најдобрите виолинисти денес. Ги повикувам сите љубители на класичната музика да дојдат и да поддржат една прекрасна музичка и хуманитарна приказна, рече таа.

Концертот е организиран од институтот „Фејмс“, кој веќе неколку години е синоним за врвна едукација и продукција на филмска музика на европско ниво.

– Почнавме со визија да создадеме простор каде што ќе се спојат креативноста, образованието и глобалната музичка индустрија. Денес сме горди што студенти од 27 земји доаѓаат во Скопје да учат, да создаваат и да се поврзуваат“, истакна Од Насју Мапа, основачка и извршен директор на „Фејмс“. Таа додаде дека успехот на институтот е резултат на посветената работа и поддршката од европските фондови.

Средствата од продадените билети од концертот, што е од хуманитарен карактер, ќе бидат донирани за Фондот за поддршка на семејствата на жртвите и повредените во трагичниот пожар во ноќен клуб во Кочани, каде животите ги загубија над 60 лица, а повеќе беа повредени. Настанот се организира во соработка со Црвениот крст на РСМ, а на самиот концерт ќе бидат поставени и пунктови за дополнителна доброволна донација.

– „Во моменти кога зборовите не се доволни, музиката може да биде најчистата форма на утеха и солидарност. Овој концерт е наш начин, преку уметноста да им дадеме поддршка на семејствата погодени од оваа незамислива трагедија. Исклучително сме благодарни на Роман Симовиќ што ја прифати поканата да настапи и ја стави својата уметност во служба на хуманоста“, изјавија претходно од „Фејмс“ од каде што најавија вечер на уникатно, интимно музичко доживување со длабок хуманитарен карактер.

Роман Симовиќ е еден од најценетите виолинисти на нашето време, со богата солистичка и оркестарска кариера. Тој е концерт-мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар и настапувал на некои од најпрестижните сцени во светот како Barbican, Carnegie Hall, Rudolfinum и Salle Pleyel. Добитник е на бројни меѓународни награди (вкл. Wieniawski и Sion-Valais), и има настапувано под диригентство на имиња како Валери Гергиев, Антонио Папано и други. Симовиќ свири на автентична виолина Страдивариус од 1709 година, позајмена од познатиот колекционер Џонатан Моулдс.

Институтот „Фејмс“, пак, е еден од водечките центри за оркестарски снимања и музичка едукација во Европа. Лоциран во Скопје, Македонија, институтот е посветен на создавање уникатни музички искуства преку едукативни програми, работилници и концерти кои инспирираат млади музичари од целиот свет.

ИЗДВОЕНИ