„Се работи нов систем за греење и ладење во Куќата на Робевци, замена на постојната дограма на прозорци на јужната фасада, како и реновирање на предната јужна фасада. Се работи и на поголемо обезбедување, односно се поставува и нов алармен систем и видеонадзор. Според договорот со изведувачите, сето ова треба да биде завршено до крајот на мај, но инсистирам да биде и побрзо… Поголеми интервенции ќе има и во Заливот на коските. Целата палафитна населба ќе се реставрира“, вели Горан Патчев, директор на Музеј и Завод Охрид
Еден од најзначајните и најрепрезентативни објекти од старата градска архитектура, Куќата на Робевци, и еден од најпосетените музејски комплекси во Охридско, Музејот на вода „Заливот на коските“, ќе бидат реконструирани и ќе добијат нов лик до почетокот на оваа летната сезона. Со средства обезбедени од Охридскиот завод и музеј и ресорното Министерство за култура во тек се обемни зафати за реставрација на Куќата на Робевци во Охрид, а како што велат надлежните ова е еден од појголемите проекти за кој досега се издвоени три милиони денари.
„Се работи на воведување на нов систем за греење и ладење во објектот и замена на постојната дограма на прозорци на јужната фасада, како и реновирање на предната јужна фасада“, посочува Горан Патчев, директор на Заводот и Музеј Охрид.
Дел од овој објект е и познатата „Златна соба“, каде што се чуваат богатите артефакти, златото на Лихнитида, па според Патчев, во куќата на Робевци се работи на поголемо обезбедување, односно се поставува и нов алармен систем и видеонадзор. Во рамките на поставката се изложени околу 500 златни и позлатени предмети од период подолг од 25 века.
„Како комплекс, зад куќата на Робевци имаше интервенции на помошниот објект Магаза и депото. Таму е менуван покривот, подовите, а до почетокот на летната сезона планираме и градежни зафати на лапидариумот. Сакаме да ја ставиме сувенирницата, која долго време не работеше, сакаме повторно да ја ставиме во употреба. Таму е потребна санација на инсталациите и фасадата. Инаку, не паметам дека повеќе од 10 години е направена толку голема санација врз комплексот. Инаку, според договорот што го имаме со изведувачите, се ова треба да биде завршено до крајот на мај, но инсистирам да биде и побрзо, ако стигнеме и до крајот на март“, потенцира Патчев. Тој додава и дека скоро се направени и молерофарбарски работи во Куќата на Христо Узунов, а на Куќата на Григор Прличев е направена санација на покрив, дел од фасада и внатрешно уредување. Што е дел од тековното одржување.
„Поголеми интервенции ќе има во Заливот на коските. Целата палафитна населба ќе се реставрира. Ќе се става нов систем за наводнување, ќе се врши хортикултурно уредување, а ќе се работи и на водоснабдителен систем… со сезоната, поточно до јуни да биде сè подготвено. Во моментот се подготвува тендерска документација и се објавуваат тендери“, додава Патчев.
Инаку, објектот Куќата на Робевци има долга историја. Сè до 1825 година на просторот од сегашниот објект во Охрид постоела друга куќа, сопственост на Јаким Пендо од маалото Геракомија, кога ја откупиле браќата Ангеле и Анастас Робеви. Ја урнале до темел и изградиле нова куќа во 1827. Зад новата куќа, на северната страна, подигнале магаза од камен, над која биле изградени амбари за жито. Во неа фамилијата Робевци живеела 35 години, до јануари 1861, кога ја запалил познатиот злосторник од Охрид и охридскиот крај Устреф бег. Две години по пожарот, од 1861 до 1863 година, сегашната куќа на Робевци била повторно изградена и тоа, левата половина за Константин Робев, а десната за Анастас (Тасе) Робев, а како главен градител бил ангажиран Тодор Петков (1814-1899) од с. Гари, познат македонски резбар и градител од 19 век. Неговиот татко Петко бил прочуен резбар кој работел заедно со Петре Филиповски-Гарката.
Под раководство на Тодор Петков бил направен и ентериерот на куќата на Робевци: резбаните тавани, долапи и други украсни елементи. Меѓутоа, за да се разликуваат резбите, за делот од куќата што му припаѓал на Ангеле биле повикани други мајстори-резбари од Дебар… Во 1950 во неа е сместен Народниот музеј во Охрид, а во 1951 е ставена под заштита на Законот за културно-историските споменици. Зградата е национализирана во 1953 година, а во 1959 е предадена на Народниот музеј – Охрид на трајно користење…
Заливот на коските, пак, залив во Охридското Езеро и археолошко наоѓалиште на праисториска наколна населба од доцнобронзеното и раножелезното време. Сместен е до полуостровот и автокампот Градиште, меѓу селата Пештани и Трпејца. Местото е наречено „Плоча Миќов Град“ и денес има реконструкција на наколните живеалишта (Музеј на вода „Залив на Коските“) и платформи, како и свој посетителски центар со изложбен простор за наодите. Над него се издига обновено римско утврдување (каструм) со воени објекти од тоа време, во наоѓалиштето наречено Градиште. Најблискиот колец од вкупно 6.000 откриени е на 12 метри во езерото, со што се претпоставува дека е тоа колец од мостот што ја спојувал населбата. Се претпоставува дека се простирала на платформа од околу 8.500 м2, а на неа имало можеби и 60-ина живеалишта. На местото се откриени многу остатоци од орудија, предмети од керамика, дрво, од камен и делови од животни. (Д.Т.)