Мустафа Имери (1981, Скопје) е новиот директор на Македонската филхармонија, што го назначи ресорниот министер Зоран Љутков, на јавниот конкурс. Имери бил професор-тенор и 15 години раководител на Катедрата на албански јазик во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“. Завршил на ФМУ во Скопје, и е дипломиран соло-пејач.
Вработените во Македонската филхармонија денес уште еднаш го потврдија своето несогласување за избор на Мустафа Имери за директор на Македонската филхармонија. Тие сметаат дека одлуката на министерот за култура и туризам Зоран Љутков, да го назначи Имери за прв човек на оваа културна установа е „меѓупартискиот договор меѓу ВЛЕН и ДМПНЕ, а не почитување на законот“.
„Љутков денеска донесе политичка, наместо правно издржана одлука и наместо да го дисквалификува, тој реши на незаконски начин да го назначи за директор, кандидатот кој на конкурсот не ги достави сите потребни документи и со тоа ги прекрши условите припишани во Законот за култура и во самиот конкурс. Затоа вработените ќе побараат кривична одговорност за министерот Љутков“, велат од Синдикатот на филхармоничарите.
Тие посочуваат дека нивното единствено барање до Љутков било конкурсот да се спроведе на законски и транспарентен начин и да се избере кандидатот кој ги исполнува сите услови.
„Не ни беше важна етничката припадност и на самиот почеток се оградивме од ваквиот наратив. За разлика од нас, уште вчера, пред официјално да биде доставено решението за назначување во нашата институција, албански портали пренесоа дека Мустафа Имери ќе биде прв Албанец на чело на Македонската филхармонија, чии ‘врати досега биле херметички затворени за Албанците’.
Ги осудуваме сите изјави кои имаат националистичка позадина, бидејќи нам не ни е важна етничката припадност на идниот директор, туку неговиот капацитет и способност да ја води најстарата културна институција во земјата. Мустафа Имери не ги исполнува тие услови и е избран на незаконски начин. Затоа, ќе престанеме со работа и ќе протестираме се додека не се промени оваа одлука“, додаваат од Синдикатот.