Муцунски: Кредибилитетот на ЕУ не се гради само преку зборови, туку со конкретни дела

13

Европската унија мора да се справи со постоечките нееднаквости и да ги интегрира земјите-кандидати од Западен Балкан во својата визија за иднината. Неопходно е засилување на постепената интеграција на регионот во различни политики на ЕУ, како и продлабочување на соработката во стратешки области како енергијата, климатските промени, одбраната и безбедноста. Ова завчера го изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамки на работната посета на Бостон.

Тој се обрати 11-та Европска конференција на универзитетот Харвард на тема „Лидер или сонувач? Улогата на Европа во фрагментираниот светски поредок“. Овој настан претставува еден од најзначајните форуми за трансатлантски дијалог и европски прашања во САД, обединувајќи водечки научници, креатори на политики, лидери и студенти од двете страни на Атлантикот.

Муцунски нагласи дека ЕУ политиката кон Западен Балкан е тест за нејзината глобална амбиција. Доколку Унијата има цел да ја зајакне својата геополитичка и геоекономска позиција, таа мора да започне токму од регионот.

-Кредибилитетот на Унијата не се гради само преку зборови, туку со конкретни дела. Европа мора да преземе поголема одговорност за регионот, но истовремено и ние во Западен Балкан мораме да ја разбереме оваа реалност и да го направиме нашиот дел – истакна тој во своето обраќање.

ИЗДВОЕНИ