Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изјави дека динамиката на враќање на пациентите повредени во пожарот во дискотеката во Кочани кои се лекуваат во странство ќе зависи од нивната здравствена состојба и ќе се утврдува согласно дефинираните медицински протоколи.
-Ние најавивме веќе викендот дека отпочнавме еден сложен процес на репатријација, односно како МНР да го отпочнеме процесот на враќање во државата на тие кои што се повредени, но и на нивните семејства. Веќе првиот координативен состанок заедно со МЗ, СОЗР, ФЗОМ и кабинетот на Премиерот, го имавме викендот. Стручните медицински лица имаат посебен протокол што од наша страна преку нашите ДКП-а е споделен со болниците каде се лекуваат нашите пациенти и согласно тој протокол определуваме кои пацинети кога ќе се вратат, каков ќе биде транспортот. Денес имавме транспорт по сувоземен пат, ќе имаме и авиотранспорт, ќе имаме некогаш во одредени случаи авиотранспорт со редовни линии, можно е да искористиме и специјални авионски линии за дел од пацинетите. Сето тоа се прави во тесна координција помеѓу нас и стручните медицински лица од двете страни – претставниците на странските болници и претставниците на нашиот здравствен систем и заеднички ги договараме сите овие логистички аспекти кои секако не ги запоставуваат и членовите на најблиските кои се присутни со нив, рече Муцунски вечерва во гостување на ТВ Сител.