Муцунски: Ќе продолжиме да работиме на патот кон ЕУ и да испорачуваме резултати

19

На денешните средби со претставниците на ЕУ ја афирмиравме посветеноста на новата Влада за продолжување по патот кон полноправно членство на земјата во Европската Унија, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински на крајот на работната посета на владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски на Брисел.

– Ќе продолжиме да работиме афирмативно и позитивно и ќе продолжиме да испорачуваме резултати, бидејќи тоа е главната порака што ја даде ЕУ дека од нас очекуваат резултати во делот на владеењето на правото, борбата со корупцијата, доброто владеење и сите оние политики каде што имаме сериозни недостатоци во државата, истакна Муцунски.

Тој посочи дека во тој правец е сето она конкретно и опипливо што го има направено Владата во последните помалку од три месеци, насочено кон исполнување на највисоките стандарди на ЕУ, како и она што таа го нуди како излезно решение за предизвикот кој го кочи процесот за фактичко откочување на пристапните преговори на земјата со Унијата.

– Во таа смисла сметам дека денешниов ден беше многу успешен. Дијалогот со европските институции, а и со земјите членки ќе продолжи, додаде Муцунски.

Во однос на т.н. „француски предлог плус“, односно усвојување на уставните измени со одложено дејство, Муцински посочи дека со претставниците на ЕУ се дискутирало и за дел од овие прашања и дека дијалогот продолжува.