Прага живееше во духот на изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје” (No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection), која се отвори синоќа во Националната галерија, пред повеќе од 1000 посетители, кои дојдоа да ги погледнат делата од уникатната колекција на МСУ – Скопје. Помеѓу бројните посетители имаше многу интернационални уметници и куратори, културни работници, љубители на уметноста, кои работат и живеат во Прага, но и посетители кои специјално допатуваа за овој настан.
-Ова е уште еден триумф на Музејот на современата уметност, чија изложба првично беше отворена минатата година во престижниот простор Кунстхале Виена, каде за девет месеци ја видоа повеќе од 75 000 илјади посетители, велат од оваа институција.
Поставката за солидарно Скопје со дела кои светски познатите уметници ги подарија на МСУ, по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, каде како последица на многуте човечки загуби светот повика на солидарност, и во Националната галерија во Прага предизвика мирољубиви активисти, кои влегоа на официјалното отворање. Тие повикаа на солидарност и мир во подрачјата погодени од воените конфликти денес во светот. Фрлјаќи летоци и повикувајќи прекин на страдањата предизвикани од војните во светот се надоврзаа на солидарноста, како концепт на изложбата, што подразбира сочувство кон страдањата на другиот.
– Ова зборува за важноста на изложбата, нејзиниот потенцијал да се поврзува со актуелните општествени проблеми денес. „Изложбата е збир емоции, секој дел од неа раскажува различни наративи, обединети под поимот солидарност“, беа дел од коментарите на посетителите. Особено Македонците кои живеат во Прага и кои се нетрпение го дочекаа отворањето, реагираа емотивно, чувствувајќи се горди на Музејот на современата уметност и нашата земја, потенцирајќи дека „Ова е голем настан, кој ја потикнува меѓународната солидарност, вечерва сме горди што сме Македонци“, додаваат од МСУ.
Инаку, од вкупната уметничката колекција на МСУ, која брои повеќе од 5.300 дела, во Виена беа изложени 94 дела и 50 дела од современи уметници, вклучени во овој проект. На истиот концепт е заснована и оваа изложба во чешката Национална галерија и додадени се уште 54 дела од колекцијата на музејот. Изложбата во Прага ќе биде отворена до 29 септември оваа година.