Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски истакна дека загрозен е животот и здравјето на луѓето по текот на реките Тораница и Крива Река, како и флората и фауната. Загрозена е и почвата по текот на овие две реки, но и на река Пчиња на земјоделските насади кои се наводнуават од овие текови, а во ризик е ставен и сточниот фонд што се напојува од овие реки, со што се става во опасност и здравјето и животот на луѓеторече Митовски и побара кривична одговорност по сите основи за еколошкиот инцидент кој ја направи Крива Река мртва река.

Министерството за животна средина извести дека правниот субјект „Булмак“ кој е концесионер на рудникот „Тораница“ е казнет со 200 илјади евра поради настанат прекршок од трета категорија, односно поради загадување на водата во Крива Река со тешки отровни метали

Во водата на Крива Река концентрацијата на олово е зголемена за десет пати повеќе од дозволеното, а за неколку стотици пати со цијанид, фосфор и азот, покажа Извештајот од испитаните примероци на водата земени еден ден по хаваријата во рудникот „Тораница“ што се случи пред две недели.

– Извештајот по направеното тестирање на квалитетот на водата во Крива Река покажува неверојато зголемени концентрации на штетни материи, а она што најмногу загрижува е десеткратно зголемено присуство и концентрација на тешки метали, поточно количината на олово присутно во водата. Дополнително за неколку стотици пати е зголемена концентрацијата на цијанид, фосфор и азот –  информираше градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски. 

Тој истакна дека загрозен е животот и здравјето на луѓето по текот на реките Тораница и Крива Река, како и флората и фауната.

– Загрозена е и почвата по текот на овие две реки, но и на река Пчиња на земјоделските насади кои се наводнуават од овие текови, а во ризик е ставен и сточниот фонд што се напојува од овие реки, со што се става во опасност и здравјето и животот на луѓето – рече Митовски.

Градоначалникот Митовски најави дека општината ќе бара кривична одговорност за загадувањето по повеќе основи, истакнувајќи дека ќе ги преземе сите активности во нејзина надлежност за што побрза санација од хаваријата, а ќе побара помош и од централната власт.

– Јавниот обвинител итно да преземе мерки за санкционирање на сторителот согласно член 218 од Кривичниот законик, кој  предвидува затворска казна од четири до десет години  за оној којшто со непридружување до прописите за заштита на животната средина ќе го загади воздухот, почвата, водата, водна површина или водотек во поголем обем или на пошироко подрачје – рече Митовски.

Тој го повика Јавниот обвинител да постапи и согласно чл. 219 од Кривичниот законик со кој се предвидува одговорност и за оние „што ќе предизвикаат загадување на водата за пиење во извори, бунари, цистерни или резервоари за вода“.

– Водата од водотекот на Крива Река и Тораница понираат и во бунарите што се користат за наводнување или за пиење вода. Исто така, Јавниот обвинител да постапи и по член 223 од Кривичниот законик со кој се предвидува казна затвор до три години за оној кој ќе загади вода за напојување на добиток – истакна Митовски.

Рече дека очекува Јавното обвинителство да отвори истрага и по член 234 од Кривичниот законик кој се однесува на Тешки дела против животната средина и природата а во врска со претходно наведените кривични дела.

– Ги повикувам надлежни институции да побараат одговорност и од надлежните во Државниот инспекторат за животна средина, како и пратеникот Емил Спасовски кои со своите шпекулации и неаргументирани ставови на социјалните мрежи но и во медиумите пласираа опасни информации дека не се работи за загадување без притоа да знаат или да имаат соодветно испитување на водата пред да ја стават во опасност јавноста со лажно тврдење дека водата е безбедна. Сметаме дека со ова тие директно ги довеле граѓаните кои ја користат оваа вода во опасност од труење или други компликации по нивното здравје. Повикуваме Јавниот обвинител да отвори истрага согласно член. 355 од Кривичниот законик со кој се предвидува одговорност за доведување во заблуда од страна на службени лица – нагласи градоначалникот Митовски.

Според него, неодговорноста и популизмот не смеат да бидат одлика на системот кој треба да ја штити безбедноста на граѓаните.

– Очекуваме од институциите итно постапување и решителни мерки за спречување на вакви случаи во иднина. Општина Крива Паланка ќе преземе активности за санација на штетите и ќе побара дополнителна поддршка од централната власт – дециден е Митовски.

Министерството за животна средина извести дека правниот субјект „Булмак“ кој е концесионер на рудникот „Тораница“ е казнет со 200 илјади евра поради настант прекршок од трета категорија, односно поради загадување на водата во Крива Река со тешки отровни метали.

– По извршен вонреден инспекциски надзор на ден 24.03.2025 година, од страна на аинспекторатот за животна средина, утврдено е дека од страна на БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип подружница Рудник Тораница, Крива Паланка согласно член 212-ж став (1) точка 16 и став (2) од Законот за животна средина е сторен прекршок од трета категорија при што гореименуваниот сторител е согласен за поведување на постапка за спогодување согласно Законот за животна средина пред Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање – информираат од Министерството за животна средина.

Имено, според известување од страна на „Булмак“ на 14.03.2025 во период од 06:30 до 07:00 часот се случи инцидент поради пукање на цевка преку која се доведува технолошката вода од таложникот за јамски води до погонот флотација, вода која не содржи хемиски средства бидејќи е истечена пред да дојде во погонот на флотација, и содржи само механички онечистувања, односно е заматена.

– „Булмак“ извести дека во меѓу време дефектот се санира и е сопрено истекувањето на водата. Со потпишување на овој записник сторителот се согласува за поведување на постапка за спогодување согласно член 212-г од Законот за животната средина – велат од МЖСПП.

Предвидената прекршочна глоба за големи трговци согласно регистрацијата во Централен Регистар на РСМ во овој случај за правниот субјект е максимална и изнесува 180-000 до 200.000 евра во денарска противвредност, односно максимални 10.000 евра во денарска противвредност за одговорното лице.

Министерот за животна средина Изет Меџити рече дека нема толеранција за загадувачите.

– Законот мора да се почитува. Секој што ќе ја загрози животната средина ќе се соочи со санкции, без исклучок. Инспекциските контроли ќе продолжат со засилено темпо, а Министерството ќе инсистира на целосна транспарентност и одговорност. Ова е само еден од многуте чекори што ги преземаме за да обезбедиме чиста и безбедна околина за сите граѓани – истакна Меџити.

 (С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ