Жителите на селото Побожје се противат на изградбата на модерен парк во населбата Радишани. Велат дека се гради на нелегално одземени 3.660 квадрати земјиште, кое му припаѓа на манастирскиот комплекс „Света Богородица“. Тие бараат итно да запре изградбата на мегапаркот и на плоштадот во Радишани, во спротивно, како што велат, ќе ги преземат сите правни средства за одбрана на манастирскиот имот.
Од Општина Бутел објаснуваат дека МПЦ, со договор од 8.10.2024 година, им го дозволила преносот на градењето без никаков надоместок во еден дел од нивната парцела да се изгради паркот, а останатиот дел е на државата. – Секоја законска процедура е почитувана до крај. Со земјиштето, согласно со имотниот лист, располага МПЦ – истакна градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, нагласувајќи дека е планиран и свет храм на парцелата откако ќе се почитуваат сите законски прописи
Жителите на селото Побожје се противат на изградбата на модерен парк во населбата Радишани. Велат дека се гради на нелегално одземени 3.660 квадрати земјиште, кое му припаѓа на манастирскиот комплекс „Света Богородица“. Тие бараат итно да запре изградбата на мегапаркот и на плоштадот во Радишани, во спротивно, како што велат, ќе ги преземат сите правни средства за одбрана на манастирскиот имот.
– Нашите предци се грижеле за овој манастирски комплекс, наша должност е да го заштитиме и да го браниме како наше историско, културно и духовно наследство. Тврдиме, што е видливо од имотниот лист, дека паркот е на нелегално одземени 3.660 квадрати земјиште. Во 2017 година, градоначалникот Велимир Смилевски од СДСМ почна проект за изградба на пешачка патека на парцелата каде што се наоѓа манастирскиот комплекс, со кој се предвидуваше зачувување на овој имот на важниот црковен споменик. Во 2021 година, актуелниот градоначалник, Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ, почна со активности за реализација на својот проект мегапарк/плоштад на илјада квадрати, а на 23 март годинава, без да ги извести жителите на селото Побожје, почнал со градежните работи. Во меѓувреме, Митрополијата или МПЦ, сеедно, во октомври 2024 ѝ ја отстапиле спорната парцела на Општина Бутел – реагираат жителите на Побожје.
Притоа бараат Општина Бутел и градоначалникот Костовски итно да престанат со сите градежни зафати, да ја отстранат градежната механизација додека не се реши, како што велат, овој имотноправен спор.
Градоначалникот Костовски објасни за весникот ВЕЧЕР дека станува збор за земјиште што е на МПЦ.
– Со поглаварот на Македонската православна црква и архиепископ охридски и македонски, господин господин Стефан, потпишав договор на 8.10.2024 година, за пренос на градење со кој, без никаков надоместок, МПЦ дозволува во еден дел од нивната парцела да изградиме јавно добро – парк, а останатиот дел е на државата. Секоја законска процедура е почитувана до крај. Со земјиштето, согласно со имотниот лист, располага МПЦ – истакна Костовски, нагласувајќи дека суштински е важно што просторно е планиран и свет храм откако ќе се почитуваат сите законски прописи.
Паркот треба да се простира на 10.000 квадратни метри, од кои околу 6.000 квадрати ќе бидат со зеленило, а 4.000 квадрати ќе бидат површина за пешачење, одмор и за огромно детско игралиште. Станува збор за инвестиција од 20 милиони денари, благодарение на парите од унгарскиот кредит наменет за развој на општините.
(А. П.)