Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска смета дека САД згрешиле што воведоа царинска стапка за македонските производи од 33 проценти како реципрочна мерка, бидејќи во нашата земја нема толку висока царинска стапка освен за одредени земјоделски производи што се извезуваат во САД. Таа рече дека царинските стапки се далеку пониски од 65 проценти и очекува дека во најскоро време да има разрешница. Очекува позитивни вести од министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, кој веќе контактира со администрацијата на САД за да ја појасни состојбата. – Во текот на разговорите ќе се види за какви царински стапки ќе се разговара, но и царинска стапка од 0% е прифатлива за нас бидејќи нашата трговска размена со САД е под 1% и нема никакво влијание на буџетот, рече Димитриеска-Кочоска

 

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, смета дека САД згрешиле што воведоа царинска стапка за македонските производи од 33 проценти како реципрочна мерка, бидејќи во нашата земја нема толку висока царинска стапка освен за одредени земјоделски производи што се извезуваат во Соединетите Американски Држави. Таа рече дека царинските стапки се далеку пониски од 65 проценти и очекува во најскоро време да има разрешница.

Таа смета дека тоа нема да има директни негативни ефекти врз буџетот, економијата, извозот, како и врз компаниите и отпуштањето на работници, затоа што трговската размена со САД е многу ниска и е под 1 процент од целиот извоз.

– Невозможно е преку ноќ да се случи нешто. Компаниите може да имаат намалено производство, но нема да ги отпуштат вработените на краток рок. Во меѓувреме европските држави ќе се договорат со САД. Во делот на преселба на капиталот нема да има реакција, бидејќи тоа е долг процес и не очекувам да се случи да има отпуштања – рече таа и истакна да не се крева паника по ова прашање.

Таа напомена дека засега има проблем само една компанија која е директно зависна од извозот во САД и истакна дека Владата се обидува да ѝ помогне, што нема да резултира со отпуштање на работници. Не очекува големи промени за македонската економија ниту индиректно, преку Европската Унија од царините кои ги наметна САД и на ЕУ.

– Директни ефекти нема да има. Не постои компанија која ќе го зголеми производството преку ноќ за да каже дека нема да увезува репроматеријали поскапи надвор од САД. Би прашала колку е основано дека ние ќе носиме „најк“ патики кои се произведени во САД, бидејќи најголемиот дел од нив се произведуваат во други земји каде што има евтина работна сила – рече министерката.

Таа очекува позитивни вести од министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, кој веќе контактира со администрацијата на САД за да ја појасни состојбата.

– Ние ги подготвуваме договорите. Планираме да потпишеме договор за слободна трговија со САД со намалување или сведување на нула на царинските стапки. Во текот на разговорите ќе се види за какви царински стапки ќе се разговара, но и царинска стапка од 0% е прифатлива за нас бидејќи нашата трговска размена со САД е под 1% и нема никакво влијание на буџетот – рече Димитриеска-Кочоска.

Разрешница на ситуацијата со царините преку преговори најави и  претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која кажа дека ЕУ ќе му понуди на Вашингтон укинување на царините за увоз на автомобили и индустриски стоки, ако САД го направат истото. На понудата на ЕУ одговори претседателот на САД, Доналд Трамп, кој услови дека Европската Унија ќе мора да купи американски енергенси во вредност од 350 милијарди долари за да добие одложување на новите царини, на тој начин отфрлувајќи ја понудата за заемни царини од 0% проценти за автомобили и индустриски стоки.

-И тоа не е доволно, имаме дефицит со Европската Унија од 350 милијарди долари и тоа брзо може да исчезне. Еден од начините е тие да купат наши енергенси. Нека ги купат и ќе можеме за една недела да ги избришеме тие 350 милијарди долари – изјави Трамп.

Понудата на Брисел уследи откако Трамп минатата недела воведе царини од 20 проценти за цела Европска Унија, ставајќи ја во групата од шеесетина држави кои беа означени како „најлоши престапници“.

Пад на акциите на водечките компании на Македонска берза

Падот на акциите на светските берзи се рефлектира и врз Македонската берза. Кај повеќето од најтргуваните акции има негативен тренд. Според тикерот на Берзата, акциите на „Алкалоид“, „Комерцијална банка“, „Макпетрол“, „Стопанска банка“ и „НЛБ банка“ се во пад, продолжувајќи ја негативната динамика од крајот на минатата недела.

Најголем пад на вредноста бележат акциите на Стопанска банка – Скопје со -3,28%, додека Алкалоид има пад од -0,73%, НЛБ банка од -0,68%, Макпетрол од -0,65%, и Комерцијална банка со намалување од -0,34%.

Индексот МБИ10, кој ги следи акциите на десетте најликвидни компании, во петокот тргувањето го заврши со вредност од 10.437,41 поени, што укажува на продолжен слаб интерес за купување и притисок на продавачите.

Тикерот на Македонската берза ги прикажува просечните цени и нивната процентуална промена во однос на претходниот ден, со што инвеститорите добиваат речиси реална слика за случувањата на пазарот.

(С.Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ