Мостот на Вардар кај Башино денеска повторно е пуштен со времен режим на сообраќај

64

Од денеска повторно е пуштен во времен сообраќај мостот на Вардар кај Башино Село, на еден од влезовите во Велес.

– Времениот режим на сообраќај ќе се одвива согласно со изготвениот сообраќаен проект за времено одвивање на сообраќајот и со поставување соодветна сообраќајна сигнализација и опрема на патот, а движењето на сообраќајот ќе биде регулирано со светлосна сигнализација по една сообраќајна лента на средината од мостот – соопштија од Јавното претпријатие за државни патишта.

Мостот, кој е изграден во 1971 година од тогашната ЈНА, беше итно затворен на 3 јануари годинава, поради нарушена стабилност, по барање на Државниот сообраќаен инспекторат, откако од Градежниот факултет од Скопје беа доставени резултатите од редовната контрола, која покажа дека е небезбеден. Градежните стручњаци вршат две редовни годишни контроли на оштетените мостови во земјава.

Два месеци, поради затворениот мост, сообраќајот се одвиваше низ центарот на Велес, поради што имаше голем застој, колони возила, особено во „шпицовите“ од денот, рано наутро и попладне, кога одат и се враќаат граѓаните од работа. Товарните возила сообраќаа, исто така, низ центарот на градот, но само ноќе, од 22:00 до 6:00 часот наутро. Возилата во центарот дополнително го загадија и онака загадениот воздух, за што реагираа граѓаните.

Инаку, санацијата на мостот на регионалниот пат П 1312 кај Башино Село ќе ја чини државата 320 илјади евра. На стотина метри подолу од сегашниот стар мост, летово ќе започне изградба на нов мост на Вардар, во населбата Речани, финансиран од Владата. Од ЈПДП информираат дека на јавниот повик за проектант на новиот мост се јавиле три фирми и дека во моментов процесот е во фаза на склучување договор.

ИЗДВОЕНИ