Москва: Зеленски „фатално“ греши што сака да ја принуди Русија на мир!

33
EPA-EFE/OLGA FEDOROVA

Русија во средата рече дека планот на украинскиот претседател Володимир Зеленски да ја принуди Москва на мир е „фатална грешка“ за која Киев ќе ги трпи последиците. Зеленски во вторникот пред Советот за безбедност на Обединетите нации изјави дека војната меѓу Русија и Украина не може да се запре само преку преговори, туку дека Москва мора да биде принудена да постигне мир.

– Ставот заснован на обид да се принуди Русија на мир е апсолутно фатална грешка. Затоа што е невозможно да се принуди Русија на мир. Русија е поддржувач на мирот, но под услов да ги обезбеди основите на својата безбедност и да ги исполни задачите со кои се соочува специјалната воена операција. Без постигнување на овие цели, невозможно е да се натера Русија – рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи го говорот на Володимир Зеленски во Советот за безбедност на Обединетите Нации.

Портпаролот на Кремљ додаде дека ставот на украинските власти „е длабока измама која неизбежно ќе има последици за режимот во Киев“.

Да потсетиме, на седницата на Советот за безбедност на ОН зборуваше и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој рече дека војната мора да се стави крај, а не да се замрзне, истакнувајќи дека Русија може само да биде „принудена“ на мир.

– Затоа оваа војна не може туку така да се запре, не може да се смири со преговори, потребна е акција. Благодарен сум на сите земји кои ни помагаат да ги спасиме животите на нашите луѓе. Путин прекрши многу меѓународни норми и правила и нема да се запре. Русија може само да се присили на мир. Неопходно е да се натера Руската Федерација да прифати мир, да го запре агресорот во оваа војна, прекршителот на Повелбата на ОН – изјави украинскиот претседател.