Москва ќе го разгледа предлогот на Зеленски за прекин на нападите врз цивилната инфраструктура

391

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва ќе ја анализира понудата на украинскиот претседател Володимир Зеленски за продолжување на прекинот на огнот за напади врз цивилната инфраструктура за 30 дена, објави Бета.

Понудата на Зеленски се однесува на напади со беспилотни летала и ракетни напади врз таканаречените цивилни инфраструктурни цели.

„Сето ова заслужува внимателно да се разгледа. Можеби билатерално, по дијалогот. Не го исклучуваме. Затоа, ќе го анализираме сето ова и ќе донесеме соодветни одлуки“, изјави рускиот претседател за новинарите.

Тој, исто така, го обвини Киев дека крие воени цели зад цивилната инфраструктура.

Говорејќи за изјавите на Путин, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека рускиот претседател зборувал за можни билатерални консултации со Украина, кои би биле први од пролетта 2022 година, и мировните преговори кои пропаднаа на почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

Русија, сепак, продолжи со нападите врз Украина, по истекот на кревкото примирје прогласено на Велигден.

Во дневниот извештај, руското Министерство за одбрана соопшти дека Русија извршила напади врз воени цели на 74 локации во Украина по завршувањето на примирјето.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој го прифати велигденскиот прекин на огнот што го објави Москва, синоќа изјави дека руските сили го прекршиле 2.000 пати во текот на денот, притоа истакнувајќи дека во тој период не извршиле никакви воздушни напади.

ИЗДВОЕНИ