Московскиот суд денеска осуди четворица новинари на по пет и пол години затвор, обвинети за соработка со организацијата на опозиционер Алексеј Навални, која е оценета како терористичка.
Алексеј Навални почина во затвор во Русија во февруари 2024 година.
Новинарите Антоњин Кравцов, Сергеј Карелин, Константин Габов и Артјом Крибер се прогласени за виновни и осудени на по пет години и шест месеци затвор, изјави судијката Наталија Борисенкова.
Тие беа уапсени минатата година и обвинети за врски со екстремистичка група, што тие го негираа.
Обвинителите во московскиот суд побараа секој од четворицата новинари да биде осуден на по пет години и 11 месеци затвор.
Судењето, кое беше затворено за јавноста, е дел од репресијата на руските власти против несогласувањето, кое достигна невидени размери по нападот на Москва врз Украина во февруари 2022 година.
Руските власти ги нападнаа опозициските личности, независните новинари, активистите и противниците на Кремљ, при што стотици од нив завршија во затвор, а илјадници ја напуштија земјата за да избегнат апсење.
Четворица новинари беа обвинети за соработка со Антикорупциската фондација на Алексеј Навални, која беше прогласена за екстремистичка група и забранета во 2021 година, потег што многумина го сметаат за политички мотивиран.
Навални беше главниот ривал на рускиот претседател Владимир Путин и водеше кампања против корупцијата меѓу владините претставници. Во февруари 2024 година, Навални почина во сибирски затвор додека отслужуваше 19-годишна затворска казна, врз основа на пресудата за која тврдеше дека е политички мотивирана.