Моштите на свети Спиридон се како живо човечко тело, и по 1.600 години им растат нокти и коса

86
ВЕСНИКОТ ВЕЧЕР НА ПОКЛОНИЧКО ПАТУВАЊЕ НА КРФ

Моштите на свети Спиридон имаат постојана температура 36,6 степени. Не само што се нетрулежни со текот на вековите туку и ги зачувале и еластичноста и мекоста својствени на обичното, живо човечко тело. Нему му растат нокти и коса. Облеката му се менува на половина година, ветва е, како да оди. Чуварот на кивотот вели дека понекогаш не може да ја отклучи бравата на кивотот и тогаш се смета дека светителот не е таму и дека оди по островот.

Феноменот на моштите на свети Спиридон го испитувале биофизичари и биохемичари, кои немаат никакво објаснување, освен дека тоа е чудо Божјо во кое може да се увери секој посетител на Крф. Свети Спиридон не е само историска личност туку и симбол на верата, надежта и на заштитата и продолжува да инспирира и да ги привлекува верниците и посетителите на Крф.

Минатиот месец, додека тонеше Скопје во смог, убава беше можноста за посета на Крф, но, пред сè, за поклонување пред чудотворните мошти на големиот светител свети Спиридон, кои и денес Го прославуваат Бога со многубројните чуда.

Со попатни застанувања, патувањето трае околу 12 часа. Одењето и враќањето следниот ден, можеби, им изгледа пренапорно на некои, но чувството на
исполнетост и среќа што ќе ги доживеете поради тоа што се поклонувате пред чудотворец и еден од најсаканите светители во православниот свет, кој им помага на луѓето повеќе од 1.600 години, молејќи се за себе и за своите најблиски, вреди за секој поминат километар.

ЗА ЦРКВАТА „СВЕТИ СПИРИДОН“

Црквата е најважната византиска градба на островот. Станува збор за еднокорабна базилика со ѕвоно во облик на кула, кое е највисоко на островите во Јонското Море и е видливо од речиси секоја точка на стариот град. Изградена е во 1589 година. Во неа се наоѓаат моштите на свети Спиридон и се наоѓа во стариот град на Крф. Камбанаријата на црквата е слична на современата грчка православна црква „Сан Џорџо деи Гречи“, која се наоѓа во Венеција.

Внатрешноста десно од иконостасот, се наоѓаат посмртните останки на светителот, кои се чуваат во двоен ковчег. Поголемиот го содржи помалиот во внатрешноста. Помалиот е обложен со црвено кадифе и има отстранливо дно за да се олесни менувањето на папучите на светецот. Кај кивотот, има 53 кандила, кои висат од таванот и од кои 18 се златни, а другите се од сребро.

Иако надворешноста на црквата е прилично скромна, внатрешноста маѓепсува. Предниот дел на мермерниот иконостас наликува на надворешната на влезот во црква во барокен стил.

Најимпресивен дел од црквата е плафонот, кој е поделен на 17 сегменти со златни рамки, кои вклучуваат слики што прикажуваат сцени од Библијата и од животот и чудата на свети Спиридон.

ИЗДВОЕНИ