Рано утрово морска пијавица го погоди Новиград во Хрватска. Невремето што го зафати градот уриваше дрвја и покриви во еден момент носејќи се пред себе, додека не се повлече над морето.
Како што јави порталот Антена, пијавицата не удрила во градското пристаниште, со што избегнала голема катастрофа.

Хрватска во моментов е под влијание на урагански ветар со удари до 170 км/ч. Времето е суво, но силните ветрови носат се пред себе.
– Од правец на внатрешноста кон Далмација и обратно, поради силните, понекогаш и урагански ветрови, до понатамошна наредба нема слободна рута за патување за ниту една категорија возила, а во Лика врне снег, јави утрово ХАК, а пренесе HRT.
Инаку, невремето го зафати и целиот регионот, а снежна бура ја парализираше Црна Гора. Урагански ветар соборува дрвја, а во Подгорица има големи штети. Невремето ги оштети далноводите кај Бар и Улцињ, поради што жителите останаа без струја.
Под удар на невремето е и Грција, а снег падна дури до Егејското Море.