Додека американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот говореше на заедничката седница на Конгресот, а таму беше потпретседателот Џеј Ди Венс, како и владата, – министерот за ветераните Даг Колинс беше однесен на тајна локација за која се знае само дека е далеку од Капитол. Ако се тргне по редоследот по кој функционерите ја преземаат власта по претседателот, тој оди: потпретседател, претседател на Претставничкиот дом, претседател на Сенатот, државен секретар, министер за финансии, државен обвинител, министер за внатрешни работи, министер за земјоделство,… министерот за ветерани е само 17-ти во тој редослед. Иако често се драматизира во фикција, со филмови и серии за „одредени да преживеат“, оваа улога е клучен дел од стратегијата за национална безбедност на САД. Тоа гарантира дека владата ќе продолжи да функционира, без разлика на се, пишува Вечерни.хр.
Идејата за „личност која мора да преживее“ датира од Студената војна, кога стравувањата од советски нуклеарен напад предизвикаа загриженост за тоа како американската влада ќе продолжи да функционира доколку Вашингтон биде нападнат. Во тоа време, воените стратези и политичките лидери сфатија дека целиот синџир на команда може лесно да се отстрани за само неколку минути. До крајот на 1980-тите, по дпретседателите Џими Картер и Роналд Реган, улогата стана формализирана како дел од планирањето на континуитетот на владата. Федералната агенција за управување со вонредни состојби (ФЕМА) и воената канцеларија на Белата куќа добија задача да обезбедат барем еден претставник да не биде присутен на големи настани, како што е обраќањето за состојбата на нацијата или заедничките сесии на Конгресот. Целта беше едноставна: ако се случеше катастрофа, сепак ќе имаше законски признат наследник кој ќе продолжи да ги води државата и владата.
Досегашните „одредени да преживеат“ често го опишуваат своето искуство како надреално, додека за граѓаните тоа е фасцинантно: самиот концепт на случајно избран член на кабинетот кој одеднаш станува претседател на САД е фантазија за тоа како некој, релативно обичен, преку ноќ станува најмоќниот човек на светот. Оваа мешавина на фантазија и фасцинација е идеален заплет во романите и политичките трилери, од кои можеби најпознатата е ТВ серијата „Designated Survivor“ (“Единствен преживеан“), во која Кифер Сатерленд глуми член на кабинетот кој одеднаш станува лидер откако сите останати ќе бидат збришани.
Минатите „одредени да преживеат“ ги споделија своите искуства и тие се движат од длабока интроспекција до надреален хумор. Џејмс Николсон, исто така министер за прашања на ветераните во времето на претседателот Џорџ Буш, вели дека во 2008 година се нашол во ситуација кога морал да хиперфокусира на задачата да стане претседател, но во исто време да се моли тоа да не се случи. Николсон беше пренесен со хеликоптер на тајна безбедна локација, каде што имаше брифинзи и го гледаше обраќањето на претседателот за состојбата на нацијата. Тој се присети дека бил послужен со вкусен оброк – мал, но значаен детал што му останал во меморијата. „Мислев: ако се случи најлошото, барем ќе се најадам“, изјави тој по своето искуство.
Поранешниот јавен обвинител Алберто Гонзалес беше назначен за „избран да преживее“ во 2007 година, исто така за време на администрацијата на Буш. Тој, пак, решил времето да го помине летајќи со воен авион. „Дури тогаш навистина ми стана јасно дека ако нешто се случи во Капитол и сите бидат убиени, јас ќе бидам претседател“, рече тој, признавајќи дека самата идеја емотивно го скршила.
За време на обраќањето на претседателот Бил Клинтон во 1997 година за состојбата на нацијата, тогашниот секретар за земјоделство Ден Гликман беше прогласен за „избран да преживее“. За разлика од другите, тој имал поголема слобода во изборот на својата локација и решил да остане со својата ќерка во Њујорк. Тој се сеќава на искуството како мешавина од возбуда и апсурд. Неговата ќерка сакала да ги покани пријателите заедно да го гледаат говорот, но тој одбил велејќи: „Ова не е забава“. По говорот, Тајната служба му понудила придружба назад во Вашингтон. Тој не сакал, но избрал да остане на вечера во Њујорк. Меѓутоа, кога ја одбил безбедносната придружба и превозот, се нашол во ќор-сокак: врнел леден дожд и лапавица, а тој не можел да најде такси. „Теоретски, јас бев најмоќниот човек на лицето на земјата, а не можев ни такси да запрам“, рекол Гликман
Пред 11 септември, „одредените да преживет“ имаа поголема флексибилност во изборот на нивната локација, па, како и Гликман, понекогаш остануваа дома или одеа на однапред планирани патувања. Но, по терористичкиот напад во 2001 година, безбедносните мерки беа зајакнати. Сега ги носат во тајни воени бази, подземни бункери или командни центри. Некои веруваат дека тоа е остаток од една стара ера, но безбедносните експерти не се согласуваат . Денес списокот на опасности е дури и подолг од порано: сега станува збор за терористички напади, сајбер војна и други катастрофални настани, а САД немаат намера да ја запрат оваа таинствена, но интригантна практика, пишува Вечерни.хр