„Мора да најдеме начин како да ја запреме брзата Македонија“

50

Македонската ракометна репрезентација вечерва (20 часот) во СЦ „Борис Трајковски ќе ја пречека селекцијата на Словенија, во рамките од 3. коло во квалификациите за Европското првенство во 2016 година.

„Црвено-жолтите“ ќе настапат во речиси истиот состав од Светското првенство, во јануари годинава со само една измена. На место на повредениот Атанасијевиќ, селекторот Кирил Лазаров, го повика Цветан Кузмановски.

Но ова не може да се каже за Словенија, која со две победи е лидер во Групата 1. Словенците во Скопје допатуваа со драстично ослабен состав поради многу повредени играчи. Дел од играчите дојдоа директно во Скопје, па така националниот тим ќе има само еден комплетен тренинг, потврди асистентот на селекторот на Словенија, Урш Зорман, Мирко Скоко.

„Вистина е за проблемите, ќе имаме само еден вистински тренинг. Немаме магично стапче, но ги знаеме предностите кои ги имаме со Македонија. Мора да најдеме начин да ја запреме нивната игра. Мора да бидеме позитивни, во овој момент добивме некоја нова енергија, некои од играчите неочекувано добија шанса. Па се надевам дека оваа енергија ќе ни даде некоја дополнителна вредност. Тактички, целта ќе биде да се сопре брзата игра на Македонија и ќе мора ние да ја држиме топката“, изјави Скоко.

Мислењето со асистентот Скоко го дели и голманот Урбан Лесјак, кој брани и за македонскиот шампион Еурофарм Пелистер.  Тој е свесен дека во СВ „Борис Трајковски“ ги чека пеколна атмосфера, бидејќи салата е распродадена од пред неколку дена.

„Ќе нè пречекаат повеќе од 6.000 македонски навивачи во Скопје. Треба да бидеме подготвени за таа пеколна атмосфера. Мислам дека сме навикнати да играме мечеви под притисок, но овој може да биде малку специјален затоа што ракометарите на Македонија носат добри спомени од Светското првенство. Сакаме да освоиме бодови кои ќе не однесат на првото место и ќе ни донесат полесна ждрепка за Европското првенство“, изјави Лесјак.

Словенија со две победи од два натпревара е прва во групата со 4 бода, додека Македонија и Литванија имаат по два, а Естонија е последна без бодови.

 

 

ИЗДВОЕНИ