EPA-EFE/ERIK S. LESSER

Монти Вилијамс (53) беше прогласен за најдобар тренер во НБА во 2022 година, откако доминираше со Феникс и го имаше најдобриот учинок во лигата (64-18), по што претрпе неочекувана елиминација од Далас во полуфиналето на Западот, а потоа и неговата кариера тргна во нагло паѓање кога му го донесоа Кевин Дурант, со кој не знаеше да се „бори“.

Доби отказ по сезоната 2022/23, а потоа го презеде најлошиот тим во лигата, екипата на Детроит, со најголем договор во НБА лигата. Но, изгледа и тоа не му ја задоволи душата, ниту пак успеа да ги поврати Пистонси. По трагичната сезона во која имаа 14 победи доби отказ, а сега ги шокираше сите со изборот на нова работа. Повеќе не го интересира НБА, па реши да се врати на почетокот, и тоа на клупата на средношколски тим од Тексас!

Станува збор за приватно средно училиште од Сан Антонио, наречено TMI Episcopal, а една од причините е што таму ќе го тренира својот син Елајџа Вилијамс.

  • Воодушевени сме што тренерот Вилијамс дојде кај нас и со нетрпение ја очекуваме иднината на нашата кошаркарска програма под негово водство, се вели во соопштението од приватното воено училиште.

Елајџа Вилијамс важи за еден од најголемите таленти во Тексас, моментално е рангиран како „седмо најдобро младо крило“ во земјата, па ќе видиме во кој правец ќе оди неговата кариера и колкаво влијание ќе има неговиот татко врз него додека не се најде во НБА.

Инаку, Монти Вилијамс имаше шестгодишен договор со Детроит, тим кој сè уште му должи 65 милиони долари.