Националниот парк „Галичица“ е првото заштитено подрачје во Северна Македонија во коешто се спроведува редовен мониторинг на пештерски екосистеми. Оваа активност се реализира во рамките на проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“.
Редовниот мониторинг на пештерските екосистеми овозможува утврдување, следење и анализа на животинските видови што ги користат пештерите како постојани или привремени живеалишта.
Исто така, редовниот мониторинг овозможува следење на микроклимата во пештерите и на влијанието на надворешната средина врз пештерите. Со повеќегодишен мониторинг може да се утврди влијанието на климатските промени врз пештерските екосистеми.
Проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк „Галичица“ од негативните ефекти на климатските промени“ е поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – POINT, а го спроведуваат Црвен крст Охрид и Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“ од Скопје во соработка со Националниот парк „Галичица“.