МОН бара решенија да се регулира статусот на верските училишта

Македонија е секуларна држава и тоа е причината за неможноста верските училишта да бидат дел од формалниот образовен систем. МОН разгледува иницијативи и бара начин за регулирање на нивниот статус што ќе ги задоволи интересите на сите засегнати страни, а можна опција е и изработката на посебни законски решенија за верските училишта, се разбира, без да се наруши секуларноста – се наведува во одговорот на МОН на прашањето на весникот ВЕЧЕР

373

Се бара начин да се регулира статусот на средните верски училишта во земјава, изјавија од Министерството за образование за весникот ВЕЧЕР. Оттаму одговорија на нашето новинарско прашање врзано за поведената постапка на Уставниот суд за одлуката на минатата Влада со која ќе се испитуваат уставноста и законитоста на тоа што средното верско училиште на ИВЗ е трансформирано во редовно средно училиште. Уставните судии се сомневаат дека таквата одлука со која верското училиште станало приватна гимназија на ИВЗ е нарушување на принципот на секулраност во државата и е недозволиво.

Во наредниот период, уставните судии ќе донесат дефинитивна одлука со која или владината одлука ќе останеа на сила или, пак, ќе се укине или поништи. Се работи за посебен проблем врзан за статусот на средните богословски училишта во земјава: средното богословско училиште „Свети Климент Охридски“ на МПЦ-ОА во скопско Драчево и средното училиште медресата „Иса бег“ во скопското село Кондово. Овие две училишта се надвор од државниот образовен систем и нивните завршени матуранти, по дипломирањето, не можат да се запишат на некој од редовните (световни) државни или приватни универзитети во земјава. Двете најголеми верски заедници повеќе години бараат да се донесат законски промени со кои ќе им биде овозможено тоа. Минатата година, Владата, предводена од тогашниот претседател Талат Џафери, донесе одлука со која само медресата на ИВЗ е трансформирана во редовно средно училиште, но не и богословијата на МПЦ-ОА.

Доколку уставните судии донесат одлука со која се укинува или поништува трансформацијата, проблемот ќе се повтори наесен годинава. Со тоа, матурантите нема да може да се запишуваат на редовните факултети.

Врзано со ова, од Министерството за образование изјавија за весникот ВЕЧЕР дека се разгледува проблемот.

– Македонија е секуларна држава и тоа е причината за неможноста верските училишта да бидат дел од формалниот образовен систем. МОН разгледува иницијативи и бара начин за регулирање на нивниот статус што ќе ги задоволи интересите на сите засегнати страни, а можна опција е и изработката на посебни законски решенија за верските училишта, се разбира, без да се наруши секуларноста – се наведува во одговорот на МОН на прашањето на весникот ВЕЧЕР.

Пред петнаесетина години, во 2009 година, тогашниот министер за образование, Перо Стојановски, објави намера верските средни училишта да бидат ставени под државна капа, а за што беше формирана посебна работна група.

ИВЗ минатата недела соопшти дека им гарантира на учениците во медресата дека „нема да им биде нарушено правото на школување“. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ