„Надлежните институции веќе преземаат итни мерки за помош и поддршка на погодените семејства. Нека нашите мисли и молитви бидат со оние кои го изгубија своето, а на повредените им посакувам брзо закрепнување. Бог нека им даде сила на семејствата на жртвите и на целиот народ на Македонија“, кажа по повод трагичниот настан во Кочани министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој најави дека сите планирани настани во установите од областа на културата во текот на оваа недела се откажуваат
„Ова е тежок ден за Македонија. Со длабока тага ја примив веста за трагедијата во Кочани. Загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива. Ова е момент на неизмерна болка, но и на заедништво. Во овие тешки мигови, повикувам на смиреност и хуманост. Надлежните институции веќе преземаат итни мерки за помош и поддршка на погодените семејства. Нека нашите мисли и молитви бидат со оние кои го изгубија своето, а на повредените им посакувам брзо закрепнување. Бог нека им даде сила на семејствата на жртвите и на целиот народ на Македонија“. Со овие зборови министерот за култура и туриза, Зоран Љутков, ја искажа својата болка од трагичниот настан во Кочани во кој животот го загубија 59 млади луѓе, а повеќе од сто се повредени.
Министерството за култура и туризам, во знак на почит кон настраданите во трагедијата, информираше дека сите планирани настани во установите од областа на културата во текот на оваа недела се откажуваат. Поради тешката трагедија од големиот пожар, сите изведби во Македонскиот народен театар во текот на оваа недела, од 17 до 22 март ќе бидат откажани, како знак на почит кон настраданите и нивните семејства.
„Да покажеме солидарност и разбирање во овие тешки моменти за нашето општество. Средствата од купените онлајн билети ќе ви бидат рефундирани системски, а билетите купени од билетарницата ќе се рефундираат на истата, секој работен ден од 12 часот“, велат од МНТ.
Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ) исто така, ги откажаа предвидените концерти во програмата на „Деновите на македонска музика“ настан кој требаше да се одржи од 17 март до 3 април.
„Во наредните денови ќе објавиме официјално соопштение со дополнителни информации во врска со програмата на фестивалот“, велат од СОКОМ.
Се откажува и концертот „Candlelight: Timeless“ на камерниот оркестар „Профундис“, закажан за 22 март.
„Во овие моменти на жалост и тага, нашите мисли се со семејствата на загинатите и повредените. Изразуваме искрено сочувство и длабока солидарност со сите погодени од оваа трагедија. Сите купени билети за концертот ќе бидат рефундирани. Информации за новиот датум ќе бидат објавени дополнително“, велат од „Профундис“.
Во знак на почит кон настраданите во пожарот во дискотеката во Кочани и на нивните семејства, по препорака од Министерството за култура и туризам НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид ги откажува неколкуте настани планирани за оваа недела, информираат од Установата.
„Во мое име и во име на сите вработени во нашата установа изразувам длабоко сочувство до семејствата кои се борат со загубата на своите најблиски во пожарот во Кочани, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување“, изјави Христина Трпеска, директорка на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид.
И од НУЦК „Григор Прличев”-Охрид и Народен театар Охрид, информираат дека се откажани сите планирани настани во текот на неделава.
Се одложува и промоцијата на книгата „На врв од острицата“ од Сузана В. Спасовска во Друштвото на писателите на Македонија, најавена за 18 март. Ќе се одржи на друг датум, за кој јавноста дополнително ќе биде известена.
Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“поради трагедијата која се случи во Кочани, го одложија одржувањето на настанот посветен на поезијата кој требаше да се одржи од 20 до 23 март.
Познатиот македонски бенд „Фолтин“ пак, ги откажа концертите во Софија и Благоевград поради трагедијата во Кочани.
„Заради ужасната трагедија што ја погоди нашата нација, Ве известуваме дека најавените концерти на групата Фолтин, во Софија на 21 март и Благоевград на 22 март, се откажуваат. Нашите мисли и молитви се со семејствата на жртвите“, соопштија членовите на бендот.