„Мојот разговор со Путин би бил паметен за Америка“ – Трамп одбива да каже дали се сретнал со рускиот претседател

330
EPA EFE MICHAEL KLIMENTYEV SPUTNIK

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп одби да каже дали разговарал со рускиот претседател Владимир Путин откако ја напушти функцијата, како што е објавено во книгата на новинарот Боб Вудворд, но рече дека би било „паметна работа“ за Соединетите држави доколку тој го направи тоа, објави Асошиетед прес.

Трамп се најде под притисок поради наводната комуникација со рускиот претседател за време на опсежното и на моменти жестоко интервју со главниот уредник на Блумберг, Џон Миклтвејт, во Економскиот клуб во Чикаго.

Вудворд во својата книга „Војна“ објави дека Трамп имал дури седум приватни телефонски разговори со Путин откако ја напуштил Белата куќа и дека тајно му испратил на рускиот претседател тестови за ковид 19 во екот на пандемијата.

Како што пренесува Гласот на Америка, Миклтвејт му поставил прашање на Трамп за време на интервјуто: „Можете ли да одговорите со да или не ако сте разговарале со Путин откако престанавте да бидете претседател“.

„Не го коментирам тоа, но ќе ви кажам дека ако го направив, тоа беше паметна работа. Ако сум пријателски настроен кон луѓето, ако можам да имам односи со луѓето, тоа е добра работа, а не лоша работа од перспектива на земјата“, одговори Трамп.

Трамп рече дека Путин, кој ја нападна Украина и беше обвинет за воени злосторства од страна на Меѓународниот кривичен суд, е многу почитуван во Русија и го пофали неговиот однос со него, како и со авторитарните лидери на Северна Кореја и Кина.

„Гледате, имав многу добри односи со претседателот Си, многу добри односи со Путин и многу добри односи со Ким Џонг Ун“, рече тој.

Кога станува збор за Путин, тој истакна дека „Русија никогаш немала претседател кого толку многу го почитуваат“.

Вудворд напиша дека на почетокот на оваа година Трамп побарал од својот помошник да ја напушти канцеларијата во одморалиштето на Флорида за да има приватен разговор со Путин. Помошникот, кого Вудворд не го именува, рече дека имало повеќе разговори меѓу Трамп и Путин откако Трамп ја напушти функцијата, можеби дури седум.

Портпаролот на Трамп, Стивен Чунг ги нарече наводите лажни, а портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека наводите за повиците „не се точни“.