„Мојот пат во уметноста“ е насловот на изложбата на Решат Амети која ќе се отвори на 11 март, во 20.00 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар, а по повод јубилејот 35 години творештво на уметникот.
-Обележувањето на јубилејот Амети го започна на 30 декември лани со репрезативна изложба во Дипломатскиот клуб на Министерството за надворешни работи на СР Германија во Берлин. На 27 февруари ја отвори и својата втора изложба во рамките на овој јубилеј – во галеријата Урсулаштрос во Грац, Австрија. Изложбата во МКЦ е трета по ред во рамките на јубилејот, и таа има за цел да ги поттикне младите да истражуваат и да го најдат својот индивидуален стил во уметноста. Професорот Решат Амети во текот на изложбата ќе одржи свое предавање со кое како педагог ќе им ја продлабочи љубовта кон уметноста. МКЦ од секогаш бил расадник на млади таленти и изложбата е во рамките на оваа програмска определба, посочуваат од МКЦ.
Решат Амети е редовен професор на Државниот факултет во Тетово, тој е уметник со меѓународно реноме, а за својата педагошка работа, за преставувањето на нашата уметност во странство и за своето сликарство е добитник на највусоката државна награда „11 Октомври“.
За сликарството на Решат Амети, Климе Коробар посочува дека тоа не е одраз на надворешната реалност, туку претставува внатрешна слика на душата.
-Тој со своето дело целосно е предаден на модерната уметност, при што сака да нè потсети дека ништо не е апстрактно, дека сè има свој корен и развиток. Од неговите слики зрачи традицијата на еден чуден и нему својствен начин. Пред нас се апстракни слики полни со боја и светлина кои нè потсетуваат на рачно ткаените килимчиња излезени од рацете на нашите баби, во кои конците тежнеат да направат килимче со идеална убавина за да ја наполнат нашата душа, затоа што и основна цел на уметникот е да создава убавина. Не случајно еден голем дел од неговиот циклус на слики има наслов „Од традицијата“. Неговите слики всушност преставуваат претопување на традицијата со модерното, пришто не можеме да поставиме јасна граница каде почнува едното, а каде завршува другото. Кога ќе го погледнеме, пак, другиот циклус на слики именувани како „Енигма“ или слободно можеме да ги именуваме како магија, слики на темата геометриска апстракција која авторот ја нарекува „лирска апстракција“ со што јасно нè упатува во светот на психичката реалност и поетиката во неговите слики. Нема сомнение дека Решат Амети е сликар на тајната, на магијата, која на своите платна ни ја разоткрива преку намазот на бојата и светлината. Затоа за неговото сликарство можеме да речеме дека претставува внатрешна слика на душата. Неговите имагинарни предели на душата тежнеат кон убавина, која гледачот треба да ја впие во себе, за да може да го почувствува величествениот момент на светлината. Затоа што, само преку нејзе можеме да го осознаеме светот кој нè опкружува, но и духовниот свет кој ги осветлува нашите души на кое целосно му е посветено сликарстрвото на Решат Амети, додава Климе Коробар кон изложбата која ќе трае до 22 март.