„Мојата школска другарка настрада. На излезот паѓавме еден преку друг“,„Северна Македонија завиена во Црно“,„Пожар во ноќен клуб уби најмалку 59 лица“… пишуваат светските медиуми

263

Веста за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, го обиколи светот како ударна во сите медиуми. Речиси нема информативен медиум во светот кој не одвои повеќе простор за овој трагичен настан.

Бројните портали, радија и телевизии, весници, во соседна Србија и покрај тоа што деновиве имаат тензична ситуација во земјата, секојдневно во детали известуваат за несреќата во Кочани, а дел од нив пратија свои репортери во Македонија. „Политика“ денеска извести за возачот на брза помош кој почина откако цел ден разнесуваше повредени, а претходно објави и други информации за трагедијата, вклучувајќи го и протестот на родителите пред болницата во Кочани, кои не даваа да се врши обдукција на нивните починати деца.

„Градоначалникот на Кочани поднесе оставка“ извести денеска државната новинска агенција Танјуг. Со наслов „Мојата школска другарка настрада. На излезот паѓавме еден преку друг“ телевизијата Н1 објави исповед на девојче кое било во дискотеката кобната ноќ. Несреќата во Кочани е ударна вест и на порталот „Блиц“. „Северна Македонија завиена во Црно“, објави на насловната страница црногорскиот весник „Побједа“, а подгорички „Вијести“ пишува за ужасната несреќа под наслов „По трагедијата во Северна Македонија – притвор за осум лица“.

Инаку, во Србија и Црна Гора утре ќе биде ден на жалост за трагедијата во Македонија. Во албанските медиуми, несреќата во Кочани, е главна тема и се пренесуваат сите детали поврзани со неа. Исто е и со бугарските медиуми. Во повеќе одвоени вести бугарската новинска агенција БТА пренесува за трагедијата во Кочани, меѓу кои и за тоа дека нема бугарски државјани меѓу настраданите, дека понудиле помош и слично.

Британскиот јавен сервис Би-би-си прецизира дека пожарот избувнал околу 3 часот (2 часот по Гринич) за време на настапот на бендот ДНК, хип-хоп дуо популарно во земјата, а местото на одржување сè уште гори неколку часа подоцна. Германската агенција ДПА ја пренесе првата вест дека во пожарот во ноќниот клуб во Кочани има најмалку 50 загинати.

– Северна Македонија жали за загинатите во пожар во ноќен клуб, приведени 15 лица – Владата прогласи седумдневна жалост по пожарот во источниот град Кочани, во кој загинаа најмалку 59 лица“, пишува лондонски „Гардијан“

И белгиските медиуми се полни со наслови за трагедијата. „Северна Македонија: Во пожар во ноќен клуб се загинати најмалку 51 лице“, „Над 50 загинати во пожар во ноќен клуб во Северна Македонија: Што знаеме за околностите на трагедијата“, „Најмалку 51 загинат и 152 повредени по пожар во дискотека во Северна Македонија: Пекол предизвикан од уред за огномет, се дел од насловите во белгиските медиуми. Белгиски ХЛН пишува дека „овој пекол“ ги навраќа сеќавањата на големиот пожар што се случи во ноќен клуб во романскиот главен град Букурешт во октомври 2015 година, кога загинаа 64 лица, а 145 беа повредени.

Американската Асошиетед прес го цитира министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој пред новинарите во Кочани во својата прва изјава рече дека во пожарот има 51 загинато лице и уште десетици повредени. „Пожар во ноќен клуб уби најмалку 59 лица во Северна Македонија“ е насловот на текстот во „Њујорк тајмс“, во кој се пренесува изјава на министерот за внатрешни работи дека пожарот се случил кога искри од пиротехнички средства го зафатиле таванот.

Вести има и во индиските медиуми. „Индиа тајмс“ го објавува и видеото од палењето на таванот во ноќниот клуб под наслов „Гледајте: Моментот кога пиротехниката запали смртоносен пожар во ноќен клуб во Северна Македонија“.

 

ИЗДВОЕНИ