
Украинската тенисерка Елена Свитолина истакна дека сака што поскоро да заврши војната помеѓу Русија и Украина, а имаше и интересен одговор на прашањето дали би заминала да војува за својата земја. Таа неколку пати досега објавуваше дека донира големи средства за украинската армија, а сега изјави дека „нејзината војна се одвива на друго место“.
„Јас сум секогаш за мир и благосостојба на моите сограѓани. Украина страда многу од руската агресија. Ги слушам повиците за прекин на огнот и се радувам што конечно гласно се зборува за тоа.
Не би одела да војувам, иако не се плашам. Моето бојно поле е на тениските терени, подобро е тука да заработувам и да донирам за мојата земја. Некој можеби нема да се согласи, но јас цврсто верувам дека моето мислење е издржано“, изјави Украинката.
Свитолина е на 23. место на ВТА листата. Нејзин најдобар ранг беше третото место, а во кариерата досега освои вкупно 17 трофеи. Во изминатите три години таа донираше нешто над 1,5 милиони евра за украинската армија.