-Очигледно, некои имаат намера историскиот ревизионизам и фабрикувањето на историјата да ги наметнат како вистина – додека сè уште има живи сведоци на тоа што се случувало. Таквиот ревизионизам, со цел џелатите да ги направи жртви, а жртвите да ги избрише, е современ тек во Европа: препишување и заматување на границите на тоа како било и што било, создавање нови историски наративи. Кога те тераат да заборавиш – твоја должност е да помниш – истакна авторот Моџо Килингтон прашан зошто се одлучил да напише партизански роман
Осумдесет години по победата над фашизмот и завршувањето на Втората светска војна, книжевноста потсетува на значењето на борбата за слобода. Под партизанската парола „Смрт на фашизмот – слобода на народот“ и со почит кон сите знајни и незнајни херои, кои ги жртвувале своите животи за ослободување од окупаторот, авторот Моџо Килингтон напиша партизански роман. Книгата „СФ – СН“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше промовирана синоќа во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на второто издание на фестивалот за литература и општа култура „Видик“.
Промоторката на книгата, уредничката Оливера Ќорвезироска, истакна дека „СФ – СН“ најдобро се опишува самиот себеси преку духовитиот, но мошне прецизен поднаслов: партизански роман. Поднасловот функционира и како жанровска одредница, но и како алузија на едно важно време. Тој е логично и природно надополнување на насловот – кратенката на познатото југословенско партизанско мото „Смрт на фашизмот – слобода на народот“, кое се користело и како поздрав меѓу припадниците на движењето на отпорот.
– Поради акција и реакција. Кога ти забрануваат да се сеќаваш, кога велат дека треба да си го пресечеш коренот за да расцветаш, тогаш се создава посилен отпор и се отвораат теми кои мислевме дека одамна се затворени. Но, очигледно, некои имаат намера историскиот ревизионизам и фабрикувањето на историјата да ги наметнат како вистина – додека сè уште има живи сведоци на тоа што се случувало. Таквиот ревизионизам, со цел џелатите да ги направи жртви, а жртвите да ги избрише, е современ тек во Европа: препишување и заматување на границите на тоа како било и што било, создавање нови историски наративи. Кога те тераат да заборавиш – твоја должност е да помниш – истакна авторот прашан зошто се одлучил да напише партизански роман.
„СФ – СН“ е необичен роман – навраќање на едно подалечно време, но и на еден навидум анахрон, дури и соцреалистички начин на пишување. Поигрувајќи си со таквата форма, авторот го реактуализира херојското време од еден личен, љубовен ракурс, со мошне жив и впечатлив еротски пристап. На крајот има и цела песнарка со необјавени песни од еден лик – загинат, непознат поет-партизан… што е досетлива мистификација, која го приближува романот и кон постмодернизмот. Љубовниот и еротскиот дел од приказната се противтежа на ужасите на војната.
Иако дејството е сместено во историски период низ кој поминала нашата држава, ликовите се измислени, а приказната е фикција.
– Вистинито во книгата е опкружувањето во кое живеат и умираат ликовите. Инспирација се сите херои, на чии жртви е втемелена и нашата слобода. Херои чие име можеби не се знае, можеби немаат по нив именувана улица или училиште, а сепак го дале највредното за Македонија – животот. И тоа не смееме да го заборавиме. Пораката на романот е едноставна: да не заборавиме на оние кои ја втемелија слободата на Македонија со својата жртва. Денес многу лежерно ги сфаќаме придобивките од таа борба – ги отфрламе, не размислувајќи за нивната кршливост и за цената што може повторно да се плати за нивното враќање. Самото тоа што во 2025 година постои партизански роман, како реакција на повампирувањето на фашизмот, е доказ дека нема конечна победа, ниту конечен пораз – има само битки кои траат. И не мислам дека се готови – напротив, не се ни почнати тие битки, кои се за сите нас, како Македонци, и лични и историски и општествени одговорности – да не го загубиме во мир она што е стекнато во војна. Самото име на книгата „СФ – СН“ (смрт на фашизмот – слобода на народот) ја носи главната порака на романот. Доволно е само насловот да проструи некаде, да биде на полица, да биде присутен – за да не биде заборавен. Самиот дизајн на книгата е таков што, освен насловот, и илустрацијата е второстепена – па така, независно, може да функционира и како посебно дело со подлабока и помоќна порака од сè што се наоѓа внатре – додаде тој.
Моџо Килингтон е писател, сценарист и активист на социјалните мрежи. Негови досегашни дела се: романите „Есента во животот на професорот по марксизам“, „Уништување“ и „Денот кога не се разбудив“, како и поетската збирка „Аутопсија на љубовта“, сите во издание на „Арс Ламина“.