– „Mobi Stove“, направата за готвење во природа, не е моја прва комплетна иновација. Најпрво работев на соларна сушилница со цел кога имаат македонските овошја и зеленчук многу ниска откупна цена, земјоделците да ја користат бесплатната енергија од сонцето, да ги сушат, да ги складираат и да ги продаваат во периоди кога ќе имаат повисока цена. Работев и на проектот за урбано вертикално градинарство, одгледување корисни растенија на терасите од станбените згради без користење земја. Познато е ова во светот под името „аеропоника“. Исто така, работам и на напреден модел на „Mobi Stove“, каде што ќе може да си го полните мобилниот телефон додека го користете. За ова, користам електроника што произведува струја од разликата во топлината во „Mobi Stove“. Значи, во природа, ем готвите ем произведувате струја – вели за весникот ВЕЧЕР иноваторот Трајче Рушев
Вашата иновација „Mobi Stove“, во изминатиот период, предизвика голем интерес во јавноста, а беше презентирана и наградена и регионално. За оние што сè уште немаат слушнато за овој Ваш успешен „проект“, објаснете накратко за што, всушност, се работи.
На мое изненадување, навистина беше доста медиумски покриена добиената награда за иновацијата „Mobi Stove“ на регионалниот натпревар за зелени бизнис-идеи во Сараево. Од една страна, ми е многу драго, од друга страна, морам сериозно да работам за да ја оправдам оваа медиумска покриеност. Да објаснам прво што претставува „Mobi Stove“. Тоа е направа со иновативен дизајн, наменета за готвење во природа. Како гориво користи отпадна биомаса, која се наоѓа секаде во природата и, поради ова, има мала тежина, помалку од еден килограм, лесно е склоплива, што ја прави многу едноставна и лесна за носење. Имајќи ги предвид милениумските цели за одржлив развој на Обединетите нации, како и Зелената агенда на Европската Унија, разни фондации поддржуваат и финансираат идеи и иновации за зголемување на свесноста кај луѓето за климатските промени и за заштитата на животната средина. Мојата иновација „Mobi Stove“ се вклопува во овие цели, па ја искористив можноста да аплицирам и да се натпреварувам на национално и на регионално ниво.
Како дојдовте до идејата да започнете со изработка на еден ваков производ и што Ве поттикна да размислувате во таа насока?
Како љубител на природата и како кампер, често се соочував со проблемот за подготвување јадење во природа. Во лето е забрането палењето оган на отворено поради опасноста од пожари, а носењето плинска боца за готвење е непрактично решение. Почнав да истражувам на Интернет за изнаоѓање решение за овој проблем. Сè што беше понудено на пазарот беше евтино и непрактично или корисно, но многу скапо. Од истражувањето добив некои идеи и почнав самиот да конструирам мобилна направа за готвење што ќе користи биомаса како гориво, но притоа јачината на огнот да се регулира на повеќе нивоа. Од првиот обид за мобилна направа за готвење во природа до сегашниот финален дизајн на „Mobi Stove“ што го гледате, поминаа три и пол години, време за кое беа изработени 12 прототипи. Почетната цел ми беше да си направам еден за мене и тука да застанам. Но, во еден камп на Халкидики ми пријде еден турист од Велика Британија и почна да се интересира за мојот изум за готвење. Бараше да му го продадам мобилниот шпорет. Не се согласив зашто немаше на што да готвам, но се договоривме да му направам и да дојде во Македонија да си го земе. Човекот навистина дојде од Лондон во Скопје, го зеде мобилниот шпорет, ми остави 200 евра и замина за Грција, на риболов. Оваа случка ми отвори многу прашања и теми за размислување. Сфатив дека производот е корисен, дека може да има пазар, но и дека ќе треба да се патентира, комерцијализира, да се обезбедат производство, маркетинг итн.
Во Сараево, оваа Ваша иновација доби награда што се доделува за зелени бизнис-идеи од Балканот. Какво беше чувството и дали имате сознанија дека, исто така, работел некој во оваа насока?
Најпрвин добив награда за зелена бизнис-идеја на национално ниво, во организација на невладината организација АРНО, која ми отвори пат да се натпреварувам регионално и ова беше прв пат мојата иновација „Mobi Stove“ да биде презентирана пред аудиториум од повеќе земји. Се радувам што ги препозна жирито иновацијата и потенцијалот за комерцијализација и за бизнис-модел. Истовремено, ме радува и што сите присутни пројавија интерес за цената, нарачката и за начинот на доставување. Во Сараево, немаше никој со сличен концепт како мојот, но во САД и во Италија постојат слични направи за готвење, но не би рекол дека ми се конкуренција зашто се многу скапи – 350 долари, или моделот им е мал и не може да се готви професионално за повеќе луѓе или е тежок и гломазен за носење, или создава мала енергија, а кај „Mobi Stove“ се отстранети сите овие недостатоци.
Во што е предноста на оваа иновација и какви се придобивките од неговата употреба?
„Mobi Stove“ нуди решение за безбедно, лесно и за ефикасно готвење во природа, користи минимална енергија достапна во природата како отпадна биомаса, која е обновлив енергетски ресурс (суви гранчиња, шишарки, пелети, итн.) Има висока енергетска ефикасност, бидејќи работи на принципот на ракетните мотори, со вбризгување воздух. Полузатворениот систем на согорување го намалува ризикот од шумски пожари во споредба со готвењето на отворен оган. Добриот систем за согорување го сведува на минимум ослободувањето штетни гасови, кои предизвикуваат ефект на стаклена градина во атмосферата во споредба со другите пасивни решенија за готвење во природа. Би сакал да ја споменам и социјалната компонента што ја нуди „Mobi Stove“ при користењето. Имено, кога прави некој на излет класична скара на ќумур, поради чадот, е оддалечен од масата каде што се собрани пријателите на мезе, пијачка и на дружба. Бидејќи не чади, може да си го ставите „Mobi Stove“ до вас, истовремено и да готвите на него и да се дружите со пријателите.
Дали веќе има интерес за нарачки на ваков шпорет, за каква целна група луѓе се работи и за што најмногу се интересираат поврзано за иновацијата?
Интерес постои. Јас претходно, уште во тест-фазата, направив 20 парчиња, сите ги имаат купено досега. Најмногу интерес привлекува кога ќе видат на самото место како работи „Mobi Stove“ во природа. Глобалниот пазар е голем и има две компоненти. Едната се клиентите што се поврзани со природата, а тоа се планинарите, камперите, моторџиите, ловџиите, риболовците, излетниците итн. За оваа група клиенти се планира отворање интернет-продавница, но се планира соработка и со трговците, продавниците за кампување, лов, риболов итн. Втората компонента е еколошка и е поврзана со земјите во развој. Зошто? Добив податок од Обединетите нации дека 2,6 милијарди луѓе во светот готват на dirty stoves, шпорети што имаат лошо согорување и испуштаат многу чад и гасови, кои предизвикуваат климатски промени. „Mоbi Stove“ се вбројува во clean stove, т.е. направи за готвење што не испуштаат штетни гасови. Многу фондови од ОН, ЕУ и од САД им даваат поддршка на ваквите концепти како што е „Mobi Stove“. Моментално, во тест-фаза ми е модел на „Mobi Stove“ што ќе биде наменет за земјите од третиот свет, има иста функционалност, но поевтина варијанта и можност да се произведува во тие земји. Може да замислете ако се омасови користењето на „Mobi Stove“ во сиромашните земји или ако сите излетници во западниот свет не користат дрвен јаглен за скара туку отпадна биомаса, какво влијание може да изврши „Mobi Stove“ преку намалувањето на емисиите на штетни гасови во природата, но и намалувањето на сечата на шумите за производство на дрвен јаглен?
Дали е ова Ваша прва иновација или имавте / имате идеи, обиди и реализација на некакви други иновации?
Не ми е ова прва комплетна иновација. Најпрво работев на соларна сушилница со цел кога имаат македонските овошје и зеленчук многу ниска откупна цена, земјоделците да ја користат бесплатната енергија од сонцето, да ги сушат, да ги складираат и да ги продаваат во периоди кога ќе имаат повисока цена. Работев и на проектот за урбано вертикално градинарство, одгледување корисни растенија на терасите од станбените згради без користење земја. Познато е ова во светот под името „аеропоника“. Исто така, работам и на напреден модел на „Mobi Stove“ каде што може ќе да си го полнете мобилниот телефон додека го користете. За ова, користам електроника што произведува струја од разликата во топлината во „Mobi Stove“. Значи, во природа, ем готвите ем произведувате струја.
Дали веќе имате понуда за изработка и за пуштање во промет на вакви шпорети од страна на некој погон, фирма во земјава, регионов и пошироко?
Јас поминав десетина фирми во земјава, но само две се нафатија да го произведуваат. Во преговори сум, се надевам дека ќе најдеме заеднички интерес.
Интересно е што по професија сте дипломат, па како ја комбинирате оваа Ваша пасија за иновации со Вашата работа?
Во дипломатската професија може да вложите многу труд, енергија и време, но да не се види резултатот или да се види многу подоцна. Потребата да се види резултат по потрошеното време, трудот и креативната мисла ја надоместувам во текот на викендите, кога практикувам DIY (Do It Yourself) или, како што би кажале кај нас, направи сам. Најкреативните решенија за производот ги добив во текот на изолацијата и карантините поради пандемијата на ковид 19. Инаку, креативноста и иноваторството го имам наследено од мојот татко, кој беше машински инженер, енергетичар и иноватор и затоа оваа иновација му ја посветувам нему.
Дали ја патентиравте оваа Ваша иновација и дали е тешко за еден иноватор во нашата држава да дојде до признавање, па потоа и до реализација и масовна употреба на неговиот производ?
Да, „Mobi Stove“ е патентиран индустриски дизајн и се работи на стекнување дополнителни сертификати. Инаку, за да дојде една иновација до признание во нашата држава, потребни се време и доказ дека функционира таа. Пример, кога аплицирав во Фондот за иновации пред некоја година, бев одбиен, но тоа не ме поколеба да продолжам понатаму, зашто силно верував во функционалноста на „Mobi Stove“. Во свет на глобална поврзаност, полесно и побрзо е да успее некоја иновација од Македонија надвор од државата, што, од една страна, е предност за иноваторот, но, од друга страна, штета за државата. Изминатиов период запознав многу иноватори со одлични иновации, кои може да придонесат во развојот и во промовирањето на Македонија. Генерално, јас сум оптимист и знам дека ќе има подобрување на ова поле во периодот што следува. (Д.Т.)