Делото „Варвари“ на рускиот писател Максим Горки е драма што се занимава со социјалните и со моралните конфликти на почетокот од 20 век, во Русија. Претставата се одвива околу интелектуалецот, кој се соочува со растечките разлики меѓу старото и новото, традицијата и модерноста. Главните ликови се припадници на различни социјални класи: интелектуалци, работници и обични луѓе, кои ги претставуваат различните ставови и конфликти на тогашното руско општество. Тие се поставени во ситуација на морална дилема, при што мораат да се соочат со своите лични и социјални вредности

Во Македонскиот народен театар, деновиве започнаа првите читачки проби за претставата „Варвари“, дело на рускиот писател Максим Горки, а во режија на нашиот реномиран режисер, Владимир Милчин.

Како што посочуваат од МНТ, делото „Варвари“ е драма што се занимава со социјалните и со моралните конфликти на почетокот од 20 век, во Русија. Претставата се одвива околу интелектуалецот, кој се соочува со растечките разлики меѓу старото и новото, традицијата и модерноста. Главните ликови се припадници на различни социјални класи: интелектуалци, работници и обични луѓе, кои ги претставуваат различните ставови и конфликти на тогашното руско општество. Тие се поставени во ситуација на морална дилема, при што мораат да се соочат со своите лични и социјални вредности.

-Ова дело првпат се поставува во Македонија. Во претставата игра масовна актерска екипа – 23 актери: Тони Михајловски, Габриела Петрушевска, Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Софиа Насевска-Трифуновска, Владо Јовановски, Григор Јовановски, Ана Стојановска, Оливер Митковски, Тања Кочовска, Александар Микиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Јордан Симонов, Сашка Димитровска, Емил Рубен, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ивица Димитријевиќ, Александар Михајловски, Jана Вељановска и Стефан Спасов. Од нив, повеќето се студенти на проф. Владимир Милчин, режисерот на претставата, додаваат од Театарот.

Сценограф е Беди Ибрахим, костимограф Марија Пупучевска, преводот го направија Ема Марковска-Милчин и Владимир Милчин, асистент на режисерот е Шенај Мандак, а изборот на музиката е на режисерот Владимир Милчин.

Владимир Милчин (1947) е режисер што работи во МНТ од почетокот на својата кариера. Беше и драматург и режисер во Драмата при МНТ во периодот од 1970 до 1982 година, а „Варвари“ е негова 24. режија во овој Театар. Има дипломирано на отсекот за режија на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград, во класата на д-р Хуго Клајн. Милчин е основач на алтернативниот театар „Не-театар кактус“ (1964-1970). Заедно со Слободан Унковски, ја водеше алтернативната група „Театар кај св. Никита Голтарот“ (1970-1972). Исто така, тој хонорарно има водено актерска класа на отсекот за драмски актери на Вишата музичка школа во Скопје, во периодот од 1972 до 1974 година. Милчин е еден од основоположниците на Театарската работилница на Филозофскиот факултет (1979-1983). Од 1982 година, тој води класа за актерска игра на Факултетот за драмски уметности. Со режија започна на почетокот од 60-тите години и работи во речиси сите театри во земјата, како и надвор од Македонија. За дел од нив има добиено и награди на МТФ „Војдан Чернодрински“, Фестивалот „Стериино позорје“, МЕСС – Сараево, фестивалот „Сплитско лето“, како и награди за животно дело „Свети Климент Охридски“ (2018) и „Војдан Чернодрински“ (2019). Владимир Милчин е син на Илија Милчин (1918 – 2002) – актер, режисер, преведувач и професор, еден од основачите на МНТ.

Инаку, на сцената на Македонскиот народен театар досега се поставени следниве драми од Максим Горки: „Малограѓани“ (1951) во режија на Илија Милчин, „На дното“ (1954) во режија на Илија Милчин и Илија Џувалековски и „Децата на сонцето“ (1973) во режија на Илија Милчин.

Фотограф: Кристијан Теодоров

ИЗДВОЕНИ