Ракометарите на Алкалоид, во недела од 19:00 часот, на домашен терен во салата „Автокоманда“, играат еден од најважните натпревари сезонава. Избраниците на тренерот Кирил Лазаров го пречекуваат тимот на Баја Маре од Романија, на реваншот од четврт-финалето на Купот на ЕХФ.
Првиот натпревар во Романија заврши нерешено (31:31) и така актуелниот куп-освојувач ќе игра пред своја публика за пласман меѓу најдобрите четири на треторангираното натпреварување на ЕХФ.
– Ќе се бориме за полуфинале на едно европско натпреварување. Овој меч многу значи како за клубот така и за македонските ракомет и спорт и доста претпазливо ќе влеземе на реваншот со Баја Маре. Многу сум претпазлив и немирен за она што ни следува во недела, затоа што таа снимка што ја добивме како клуб е половична, второто полувреме не е снимано и немаме снимка. Ќе се обидеме да се соземеме, да одиграме еден квалитетен натпревар. Секој нивни старт беше на работ на исклучување, а само двапати добија исклучување. Се работи за екипа од репрезентативци, десетина странци. Мора да вложиме дополнителен напор за да се пласираме во полуфиналето. Очекувам поддршка од симпатизерите. Баја Маре доаѓа два дена порано, му одложија меч во првенството за да може да се консолидира – изјави тренерот на тимот, Кирил Лазаров.
Победникот од овој двомеч ќе игра во полуфиналето на ЕХФ- купот против подобриот меѓу РК Олимпијакос (Грција) и РК Рунар (Норвешка).