Аудиокнигите се удобна и достапна алтернатива на традиционалното читање. Платформата „Бокси“ постојано им овозможува на читателите нови наслови во кои можат да уживаат слушајќи ги, а овој пат тоа се насловите од Издавачки центар ТРИ.

„Млечни заби“ од Хелене Буковски, германската авторка којашто неодамна гостуваше во Скопје, и „Остров во морето“ од Аника Тор, популарна и наградувана шведска авторка, се двете нови аудиоприказни што сега можете да си ги понесете каде и да посакате.

„Остров во морето“ преку слушалки ќе ве однесе на остров крај Гетеборг во друштво на сестрите Стефи и Нели, кои бегаат од прогонот на Евреите од нивната родна Австрија. Заедно со нив читателите сонуваат за рај, но наместо тоа ги пречекува сурова реалност. А местото на кое патуваме благодарение на Хелене Буковски е малку поинакво и понеобично. Дистописка приказна во која секој посведочен момент и изговорен збор се стежнати од важноста на внатрешниот свет на ликовите.

И двете книги се дел од едицијата „Нашите приказни“ од Издавачки центар ТРИ, поддржана од Европската Унија.

Преку моќта на раскажувањето и топлите гласови, аудиокнигите овозможуваат уникатно искуство преку ново оживување на приказните. Како растечки сектор на издавачката индустрија, аудиокнигите ги следат желбите на модерниот читател соочен со сè помалку време во кое може да им се посвети на посакувани активности. Тие овозможуваат поголема пристапност и флексибилност, а влијаат и врз подобрено разбирање и изговор, како и врз релаксација и намалување на стресот.

За сите читатели кои досега не им дале шанса на книгите на „Бокси“, „Млечни заби“ и „Остров во морето“ се одлични наслови за почеток. Доколку потоа ви недостига вообичаеното читачко искуство со подвлекување на омилените реченици или бележење на страниците, овие два наслова се достапни во сите книжарници на ТРИ.

 

ИЗДВОЕНИ